Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не е Европа слаба и немоќна.
Европа е моќна.
Европа е супериорна.
Ме нервираат тие проекции на обесиленоста во комбинација со страста со која се изнесуваат таквите становишта и реките солзи врз тажната судбина. Заедно со неверојатната способност да се откриваат и посочуваат виновниците. Денешните актери кои се на врвот на еден процес кој е почнат некаде на преминот на предминатиот и минатиот век.
Хахаха!
Единствената работа во која Европа не е капацитирана во согласност со новите критериуми на времето е-лудоста.
Само лудост ѝ недостасува за да изгледа моќно.
Да го окупира, Калининград, да речеме.
Или да го бомбардира.
Да ги развлече руските сили со напад врз Владивосток.
Да го затне течението на Волга со тепих од бомби и да предизвика поплава на пола Русија.
А има и бомби и авиони и ракети, нема што нема.
Претпоставувам дека има и оружје за масовно уништување во небомбени форми и пакувања.
Освен тоа, може да ја бомбардира Москва со паста за заби, течно чоколадо и мастраф за сирење.
Рошфор, да речеме.
Но, што да се прави, нема лудаци.
Мислам, има лудаци колку сакате, но нема лудаци од калибарот на Владимир Владимирович.
Тоа е.
Ова се пресвртни времиња.
Источниот аждер се заканува дека ќе ја ликвидира цивилизацијата која шест илјади години, се разбира со милион скршнувања и падови, но и врвни дострели, се развива и расте врз арматурата на знаењето, на верата, на моралот, на трудот, на науката, на кариерата, во сите нивни развојни димензии, на идејата за слободата, за правото, за партиципативноста и инклузивноста, односно на демократијата, и ќе ја замени со антицивилизацијата на голата сила, на потчинетоста и на глупоста.
На раширената глупост, на кретенизираните маси кои ги ослободува од сите други потреби и интереси, освен од храната, водата, и алфазираните односно севернокореизираните вести и супериорното чувство кое им го сугерира големината на империјата и лепотата, паметта и визиите на големиот водач.
Тоа е битката.
Нашите генерации ја имаа таа несреќа да живеат во вакво драматично време, набиено со историска и планетарна, можеби и галактичка епика и да решат дали ќе се борат и на чија страна ќе се борат.
Не знам дали треба да ни биде чест или да ни биде срам, што бевме полигон за тестирање на процесите кои ќе станат светски. На светско ниво е пренесена македонската драма: истокот се вмровизира, светот се деконструира, а македонството се исправа пред дефинитивната пропаст или пред култивираноста која ќе му овозможи да сфати дека вмро не е политички фактор туку фактор на смртта, на убиството, на исчезнувањето, на тоа што мојата маленкост го труби триесет и кусур години, без особени резултати, за жал.
Во некоја минијатурна варијанта и не толку како однос на силите, туку во однос на целите, вмро за Македонија е тоа што е Путин за Украина и за светот.
Што се однесува до Путин и неговите амбиции, ќе кажам дека идејата за антицивилизацијата е феномен чии средновековни идеали и методи и суштини, новото време, животот во новото време, стандардот, техничкотехнолошките експлозии на умот и науката, ќе ги девалвираат и ќе ги направат неодржливи и на кус, а уште повеќе на среден и долг рок.
Реакциите на слободниот свет ми оставаат силен впечаток. Санкциите на САД и на ЕУ, но уште повеќе реакциите на поединци, држави, организации и органи, на јавноста во многу држави.
Фудбалски клубови ги откажуваат спонзорствата на руските гиганти, Медведев и Рубљов се изјаснија против војната, нобеловецот Мурадов беше категоричен во таа смисла, рускиот диригент Гергијев нема да диригира со Виенската филхармонија на концертот во Карнеги хол, а, Миланска Скала од Гергијев бара да се дистанцира од својот пријател Путун, во спротивно и тие ќе му го откажат гостопримството. ХНК Загреб го откажа концертот Руска серенада. Русија е исфрлена од Еуросонг, одземена и е организацијата на финалето на Лигата на шампионите. Самата Русија се грози и се буни против масакрот врз Украина, руски политичари му вртат грб на Путин и велат дека гласале за независност на Донбас, но не за бомбардирање на Киев, Казахстан откажува послушност, многу познати европски политичари и бизнисмени кои имаа симпатии за Русија и за Путин, сега се дистанцираат или се јавуваат со категорични осуди.
Руските луѓе, особено олигарсите, но е високата средна класа и богатите луѓе кои се многу на број, се шетани луѓе, светски бизнисмени и инвеститори, тоа е различна социјална структура од она што ја контролираа љубимите цареви и болшевички лидери и идоли на Путин. Тие нема да сакаат да бидат избркани од Куршевел затоа што нивниот државен челник полудел.
Така што, не е Европа слаба и немоќна.
Не се ни САД.
Силни се и моќни.
Затоа што на воените потенцијали имаат систем од вредности развиван низ вековите. Агресијата врз Украина им покажа што се можат да загубат, не само непосредно туку и како историско, културно и цивилизациско наследство. Овој шок има и таква отрезнувачка димензија. Ние можеме да се разликуваме и да се бориме за различни интереси и видувања во рамките на цивилизацијата, но не можеме да се бориме на страната на антицивилизацијата. Или дали сме за цивилизацијата или за антицивилизацијата.
Тоа во Македонија е изборот меѓу вмро и нормалните. Тоа не е политички конфликт во рамките на политичкиот систем, туку судир кој на страната на вмро има идеја да го растури системот, па и целата држава и нација.
Тоа е.
Слободниот свет се обединува против својата смрт.
Се надевам дека и македонската нормалност ќе се обедини.
Дека ќе бидат откажани сите настапи на вморонските диригенти и виолинисти, да речеме.
И дека никој повеќе нема да ги купува нивните производи, тие отрови спакувани во политички панделки.
Нивната позиционираност во врска со агресијата врз Украина ќе ни помогне да ја направиме дистанцата од тие скотови несовладлива.
Оној што е слаб и немоќен е Путин.
Јас мислам дека која било судска инстанца веќе може да го обвини како воен злосторник од особено голем маштаб, прво како злосторник кој без каква било причина предизвика војна со многу жртви, материјални штети и протера стотици илјади луѓе, односно предизвика невидена хуманитарна катастрофа.
За домашните платени, поткупени, корумпирани или идејно заглупавени и застранети говњари, од вморонска или друга слична провиниенција, не сакам да зборувам повеќе од она што веќе го кажав. Нив ѓаволот нека ги носи. Макар што мислам дека и некои органи би можеле да ги однесат на некои места. Како опасност за мирот и безбедноста на граѓаните и за стабилноста и перспективите на државата.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.