пишува ЗОРАН ИВАНОВ
Со своето адолесцентно однесување, владините кадри на ВМРО-ДПМНЕ, за само не цела недела, го потрошија и министерскиот и партискиот и својот личен авторитет.
Со непромислени, со избрзани, недржавнички, неминистерски постапки и со нагласено експонирани партиско пропагандистички настапи, ја разочараа непартиската јавност.
Наместо да се претстават и да се прикажат како државни функционери во нивната изворна контролна функција, онака како што се регулирани во законските изборни (пржински) одредби, неумешно и митингашки ја забавуваат јавноста.
Уште од својот прв работен министерски ден, очигледно следејќи ги штапските партиски директиви, наместо во таа пржинска насока, се подметнаа како партиски телали. Протежираат митингашка реторика несвојствена за толку високи државни функционери. Па, ај што си направија штета врз својот дигнитет, судејќи по одгласите во широката јавност, направија предизборна штета и врз партискиот рејтинг.
Накусо, само потсетување:
Министерот на полиција се обрука на првиот министерски ден. Во улога на нивен шеф, обвини високи полициски службеници. Ги нарече криминалци. Ги обвини за корупција и за местенки. И толку. Ни лук јал, ни лук мирисал. Ниту тврдењата ги пријави во обвинителството, ниту посочи имиња, ниту понуди докази.
Министерката за труд и социјална политика, со своите драматуршки настапи на теми кои немаат врска ниту со трудот ниту со социјалата, се избламира со пројавеното непознавање на елементарните закони и процедури на темите од областа на ресорот на чие чело застана.
Заменичката во Финансии, пак, досега повеќе време и енергија потроши плачејќи што нејзината колешка министерка ѝ поставила некакви информативни блокади, отколку што се посвети на своите предизборни задолженија во тоа мошне витално министерство.
Згора, нивното брзоплето партиско пропагандно истрчување, јавноста им наметна прашања и за нивното работно минато.
На министерот на полицијата – за неговото директорување во Агенцијата за разузнавање низ настаните во кумановското Диво насеље и крвавиот собраниски четврток каде што му се муваа и странски агенти.
На министерката за труд и социјала за некаква нејзина активност во пишување некакви стручни студентски трудови за пари.
На заменичката министерка во финансии за нејзината улога во некакви црни трансфери на некакви црни пари за некакви црни вести.
Се разбира, јавноста има право да ги прашува и од нив да бара одговори за да може да заклучи што од сето тоа е вистина, а што се монтажи и злобни подметнувања. Но еве каде е април. Тој, неминовно, ќе ги даде сите одговори.
Ама, од сиот овој труд, да не испадне тогаш само еден мал изборен ќар за еден голем изборен зијан.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.