пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
После еден сосема кус дијалог, си ја потврдив воспоставената констатација, дека, не само што кормилото на СЈО е предадено во интересџиски раце, а тоа не нудеше светла иднина, туку дека СЈО доби личност која ги изрекуваше казните за „неподобните“ користејќи неиздржани аргументи, озборувачки внатрешно шпионски информации. Да се најежиш. Тоа утро се појави пред мене, и строго, заканувачки ми рече: „Добро бе Боки, пак ли сакаш да одиш во подрум? Колку пати ти е речено да не пишуваш на ФБ, а ти продолжуваш? Како сега да го изменаџираме овој медиумски напад врз СЈО после твојата синоќешна објава?“, ја гледав вкочането, и паметам дека само се извинив, таа се заврте и нервозно со тешки чекори замина горе. После десетина минути од гаражата се појави Шефицата, се погледнавме в очи, а таа од далеку ми се насмеа, давајќи ми на знаење дека веќе знае што ми се случило со нејзината заменичка, рече: „Мене не ми пречи тоа што си го објавил, така да знаеш!“, ѝ реков, дојди да те гушнам, а во себе помислив, кој ја шиша заменичката. Ми олесна.
***
Всушност, назначената нова шефица, секогаш стравуваше од една друга појава во тие новинарски напади врз СЈО. Без разлика дали јас ќе ги предизвикав со некои мои коментари, фотографии и слично, тие, приказната секогаш ја почнуваа со нејзиното име и презиме, заради нејзините роднини вработени во СЈО, за неа и некои нејзини поранешни фаули во работењето пред ова, за на крај сосема кусо да ме пишат и мене или тој што ја предизвикал хајката. И ова не беше појава предизвикана само од мои ФБ коментари, туку, секоја слична, вморонските медиуми ја користеа неа како лика и прилика која го наполнила СЈО со блиски и далечни роднини добро распоредени во структурата внатре, со примери од нејзината кариера на интерсџиско обвинителствување. Како и да беше, од тој момент добив и една друга слика за одлуките за моите казнувања, дека не сите доаѓале од Шефицата.
***
Шефицата ќе ја согледа грешката и ќе се обиде да ја врати првичната атмосфера, да ја врати старата приказна за СЈО, ќе проба да го состави скршениот леб. Ова ќе трае сé до појавата на Тредичи. После тоа, никој повеќе немаше советодавно влијание за да успее да ја тргне од прегратките на контроверзниот лик. Следеа месеци на турбуленции, пресврти, невообичаени нови начини на однесување на Шефицата кон сите. Знаевме дека друштвото и блискоста со овој човек нема да ја однесат до целта, до Законот за СЈО, кој постојано го вадеше како свет грал и го креваше високо заедно со гласот, велејќи дека сé што прави има само една цел, да успее на време да се изгласа новиот закон за СЈО пред 15 септември 2019. И таа покажа некои други дефекти за кои до тогаш не сме знаеле. Никој не се осмели да реагира, барем не јавно, да запне за да ја одлепи од таа прегратка со Тредичи. Сите го изгубивме правото, сега, после сé, да се правиме паметни, да објаснуваме од оваа временска дистанца и да се служиме со оние излитени фрази на ниво на кооперациски реплики: “абе ѝ реков, сто пати ѝ кажав немој со него, кога требаше не ме послуша“, се караше со сите кои се обидуваа да ја оттргнат од Тредичи ги бркаше од кабинет кога некој ќе го наречеше педер, и влезе во вртлогот на големите манипулации и уште поголеми лаги. Само со авторитетот кој ѝ го сервираше СЈО, кој, беше огромен, ама и опасен додека го имаш в раце. Ако не знаеш правилно да управуваш со тоа оружје, нема да биде доволно за победа во битката со политичарите и апашите, големите измамници. Ја занесе славата, ја уби лажната самодоверба, ја закопа неизживеаноста, ги тргна ѕвездите од јавноста, застана на страна на лицемерните, предизвика неединство внатре, ги разочара правдољубивите надвор, и така, наивно влезе во дувлото на политичките измами и местенки, послуша и направи сé што побараа од неа, и доби афера.
Тишината и напнатоста во куќата на правдата во тој период ја разбиваше ведриот дух на една од ангелките. Блесна како “Супернова“ на небото на правдата со сета своја раскошност и распосла силна светлина во која се препознаваа сите атрибути: младост, убавина, стаменост, енергија, посветеност, ведрина, сериозност и елоквентност. Пеејќи влегуваше, пеејќи излегуваше од СЈО. Како да сакаше од далеку на сите да ни даде на знаење дека борбата мора да продолжи, дека ништо не е изгубено дека е рано да се навлечеме во песимизам, летаргија и слично заради новонастанатата организациска поставеност во институцијата.
Немаше човек кој не ја сакаше, речиси да немаше, и не само заради наброените вредности и епитети, таа беше мечот на СЈО кој блесна во името на правдата, ги заслепи арамиите, ги одушеви правдољубивите: „И ќе вратат и ќе платат!“. Стана централна мета на сите оние ангажирани во дискредитацијата на СЈО надвор, и на злобните внатре. Ја следеа во приватниот живот, го користеа секој нејзин младешки потег, оној кој значеше нејзина приватност, живот надвор од професионалните обврски, забава, друштво, релаксирање, и на секаков можен начин, преку нејзиното дискредитирање, се обидуваа да го дискредитираат СЈО. Овде со големо задоволство ќе го цитирам Бранко Тричковски. Еве што напиша тој по повод еден од многубројните обиди за дискредитација на оваа ангелка:
„Мислев дека некоја фрустрирана будала се обидува да ја компензира својата немоќ низ приказната за „скандалозното” присуство на Фатиме Фетаи во некој диско клуб, но гледам дека во меѓувреме, комплексите на непознатата особа, ескалирале во мала малограѓанска хистерија на умреженото просташтво.
Не ми текнува друг израз за изгубените во своите порази и за луѓето кои мислат дека во вредносниот хаос можат да пливаат раскомотени во морализаторски гуми со катарпиларски димензии. Не можеле да смислат јавна обвинителка во диско клуб, веројатно не и на свадба, во авион, во автобусот број 67 за Зелениково, во „Рамстор” или крај базенот на хотелот „Русија” во дводелен костим за капење, оти кој нормален човек може да разбере во што е инкриминирачката предност на диско подиумот во однос на концертот на „Стинг” или на салата број еден на Кривичниот суд, да речеме. Да не правиме споредби, а можеби треба, но во сосема извртена вредносна смисла, со пастрмајлијадите и чкембаријадите и другите јади на кои одат премиери и претседатели и министри. Ние не можеме да се правиме добри со тоа што ќе пропуштиме да забележиме дека се повеќе луѓе, секој ден, се повеќе напредуваат во зоната на ненормалноста, но можеме да бидеме беневолентни и да забележиме дека сето тоа веројатно е резултат на зголемената концентрација на пием честичките во воздухот и на радиоактивното дејство на дебатните емисии по овдешните телевизии.
Следниот пат ќе бидам таму и јас, ќе ја свртам обвинителката, па ќе ја потстиснам малку, па ќе ја однесам на шанк по „Џек”, за кеиф и во мал диско поход против примитивноста која нема друга работа туку во нај нај нај обичните радости да наоѓа гадости. Неверојатно.“
Овој брилијантен опис на Тричко по повод тие малограѓански обиди на “непријателите“ на СЈО да го закочат, да го понижат да го минимизираат, всушност ја покажуваше намерата на ниските, малите, никаквите, слични на оние кои ја запоседнаа куќата на правдата во овој период: „Удри по најатрактивните, најконцизните, најпривлечните, најпосветените, највеселите, закочи ги вредните, обструирај ги посветените, озборувај ги и потценувај ги!“, за да се дојде до целта. Ужансо погрешен обид. Злонамерен и низок. Таа беше нескршлива, а нејзината цврстина и бесконечна еластичност, одлично ја покажуваше во овој период, каде, како контра удар пркосеше на внатрешните интриги и озборувања. Шепкањата на малограѓанштината ќе направат да биде најказнувана. Злобните ликуваа, додека таа им ја заматуваше и ликата и приликата со нејзиниот ведар дух, секој ден, секое утро, секоја вечер. Има голема заслуга за продолжувањето на нормалноста во куќата на правдата и во овој тежок период за СЈО.
***
Кога неа ја немаше, гласна беше тишината пропратена со намќорестиот и природно строг поглед на заменичката, а уште погласна беше тишината од сé почестиот недостаток на гласот на другата ангелка.
Сé поретко се слушаше нејзиниот глас. Глас, кој, според мене, беше идеална половина од волшебството со кое се полнеше големиот простор во високиот хол на СЈО, со оптимизам и самодоверба…
Таа го правеше СЈО да биде комплетно. Без неа СЈО беше птица со едно крило. Имаше периоди кога ја немаше, ја снемуваше. Не ми беа битни причините, ама ако ја немаше една недела, сите, а јас посебно и “специјално“, се прашував каде е, зошто ја нема, што прави, добра ли е со здравјето. Никој не знаеше да ми одговори, или, можеби знаеше ама не сакаше. Во таквите периоди ѝ пишував пораки со содржина, „Само да те прашам како си, и толку, ми фали твојот глас од балконот!“ Веднаш ми одговараше, „Добра сум Боки, не се секирај, брзо ќе дојдам!“. Чинам дека целата внатрешност се смееше чим ќе се јавеше и нејзиниот глас од горе. Не го креваше за да ја чуеме, туку, да ни јави дека е тука. Дали ќе викнеше по некој, дали со некој правеше муабет па ќе се изнасмееше слатко, не беше битно. За останатите, ај да не претерам ако речам за сите, еве ќе кажам дека за повеќемината како мене, со тој глас и со нејзината присутност СЈО беше живо, и комплетно. Таа сјовска ангелка имаше посебна хемија за привлечност на јавноста и на колегите. Природата ѝ дала меч со кој знаеше совршено да командува, за да ги одвои вредностите, да ги прикрие фалинките. Прецизна во работата, ја бараше совршеноста, на моменти делуваше стерилно педантна, да те загуши од недостаток на влакна во микроскопските пукнатини на нејзиниот мозаик за фугирање, за комплетирање на квалитетно и издржано обвинение…
Брилијантно ја исцртуваше границата до каде, со што и колку можеш да ѝ пријдеш, а за тоа ако искажеш желба за соработка да пренесеш информација, беше бесконечно отворена и пристапна, секој имаше шанса, ама прецизна ко „Катана“ ги раздвојуваше корисните од некорисните сознанија и информации, брзо и квалитетно…
Кревка, нежна, проѕирна. Силна, моќна, таинствено повлечена, сериозна. На моменти помислував дека можеби е притисната од силата на некои набиени комплекси, дека е тешко препознатлива лицемерка во таквите моменти, дека е воопшто тешка за каква било соработка, комуникација или дружба ако нешто во неа рекло, подалеку од тој/таа. Во некои периоди се затекнував кога си велев, па добро, бе, Боки, дури и последново да е точно и да е така, таа вештина не може секој да ја поседува, а уште помалку со неа да управува на совршен начин. Имав убава работна можност, шанса која таа сесрдно ми ја пружи, за да се разубедам и во последниве квалификации со кои претходно знаеше да ме „попрска“. И уште ова…
Моќта да ги намириса вистинските смерници во животот, да ги трасира патеките по кои зацртала да се движи до посакуваната цел, таа голема сила во кревкоста на физичкиот изглед, е немерлива, неспоредлива, огромна и само нејзина. Таму, нема пристап никој. Со тој извор на таа моќ, само таа управува, само таа е истражителка и обвинителка, таа е и доставувачка и шефица. Оваа сјовска ангелка никогаш нема да пропушти да ти се заблагодари ако тоа си го заслужил, никогаш нема да ти дозволи тоа да го злоупотребиш. Дама која патеките во животот ги крои само според сопствениот терк, и не заради тоа да нема кому да му се заблагодарува, туку, да нема кого да обвинува. И чекори по таа патека на поставената цел, а чим ја нацртала метата, не може да нема успех. Ова суштество зрачеше со ваква енергија, и одеднаш почна да ја снемува. Штета, голема штета. Не за неа, туку за СЈО и за државата, за правдата воопшто.
(продолжува)