18.3.2022 година
Ало, Кастро или волја за Московска диктатура
Како што реков, „малиот“ Апасиев бара диктатура. Кумот на фамилијарната журка може да биде рускиот амбасадор во Скопје, Баздникин. Велам, ако е спремен Апасиев Македонија да ја „породи“ во диктатура. Ако, пак, се само гасови – како што претпоставувам – нека ѝ даде на диктатурата име по себе. Барем да знаеме кој прдеж не удавил.
Малиот Кастро, после Груевски, е чисто зло; Левица, пак, е партија која страда од манија на гонење: нивната програма се состои во тоа државата (и следствено граѓаните) да не оди/одат напред. Поради тоа, се обидува „малиот Кастро“ да направи нерамнотежа од немоќ, идеална политика создадена од многу емоции а малку совест.
„Малиот Кастро“ политиката ја разбира така што ги собира сите глупости и уште ги стимулира. Левица како партија мора да профитира од блиското пропаѓање. Имено, „малиот Кастро“ денес е палка за безбол на Московските шпиунски групации во државата за да се држат на купче. За него тоа е идеална комбинација: државата да му плаќа „арач“ за гласови, тој да им обезбеди на оние луѓе имунитет кои земаат „данок во крв“ во Украина, а тие него да го одржуваа непречено да се глупира во Собранието: да кочи, опструира и хистеризира.
Аналитичарите во Апасиев гледаат само една димензија – а таа димензија одреди толку многу луѓе во оваа земја: тоа дека изгледа како сиромашен студент од периферијата. И самиот на јавноста ѝ се претставува за „искомплексиран гик“ што страдал во транзицијата, а денес, преку таа аура ја капитализира политиката во чист кеш.
Дали некој го видел Апасиев со работничката класа, оние вистински и сиромашни луѓе, земјоделци, тутунари, работници од државни или приватни фирми? Дали некој воопшто Апасиев го видел во народ и со народ? Не, се разбира. Тоа не е во опис на неговата Московска задача. Тој е тука да хушка и игра путинови игри. Тој е тука да ја плука Европа, Америка, а сите оние кои му кажуваат во очи дека е обичен селски профитер, им се заканува дека ќе ги стрела и затвори. Да, да, „ќе скапеме во затвор“, што би рекол малиот Кастро.
Ајде на сосема конкретно. Апасиев никогаш не може да биде важен „баја“ во државата, тоа го знаат и неговите финансиери и поддржувачи. Па, ако е така, а така е, тој е тука да прави „крвав хаос“. Него лично не го интересира оваа земја и овие граѓани. Наместо да им помогне на дезориентираните да ги разберат манипулациите, политичките одредици, масовните халуцинации, да им каже зошто денес Украина е разорена земја од еден манијакален деспот, лудак и тиранин, тој обратно, седи со Московската постава во Собранието и го опева Путин во строфите на Бродски?
Страшна имитација на професијата, страшен кокошки менталитет.
Неговата политика преточена во атмосфера на вонредна состојба ќе продолжи. Апасиев е новиот поглавици за најлошите струи и енергии во оваа земја. Неговата политика ќе биде кодирана во името: „Пропаднато“. Ќе продолжи садизмот на Левица, а богами ќе продолжи и волјата на Апасиев за Московска диктатура.
На крај, еве како мене Апасиев ми изгледа. Тој човек нема лице. Го нема ни она позади лицето. Во политиката – слепец. Во моралот – расипан. Во економијата – среброљубец/рубљољубец. Во јавното говорење – мафијаш. Во менталитетот – мал диктатор. Во генетиката – недовршен човек.
17.3.2022 година
Не ми е срам – ја поддржувам
Ми велат луѓе, „треба да ти е срам што ја поддруваш оваа влада“. И уште ми велат: „зошто ги браниш, не се за бранење“. Не ми е срам, ја поддржувам оваа Влада и ќе продолжам да ја поддржувам.
Не ја бранам во фудбалски жаргон, ниту такво бранење од мене им е потребно: едноставно следам што мојата Влада работи, ги следам контекстите и ги гледам околностите во кои работи и егзистира. А тие околности, најблаго речено, се лудачки.
Денес имаме војна на 2.000 километри од Скопје; пред војната имавме две годишна пандемија која однесе многу животи; пред пандемијата имавме решавање на горлив, тридецениски спор со Грција, а пред решавањето на спорот ни се случи пуч во Собранието на Републиката, односно државен тероризам кој беше закана не само за пратениците, туку беше закана и за сите граѓани кои живеат и егзистираат во оваа држава.
Ќе признаете, вакви сценарија не може да режира ниту Квентин Тарантино лично.
Да ја земеме вакцинацијата. Што, имено работеше Владата, и како се однесуваше во време на светска здравствена криза? Владата спасуваше животи: никогаш не поттикнуваше антиваксери, никогаш цинично не се однесуваше кон здравјето на граѓаните. Напротив, секогаш водеше исправна и еманципаторска кампања околу вакцинацијата. Или со други зборови: институционалната одговорност за спасување на животите на граѓаните беше на високо ниво.
Но, немам никаков сомнеж: нивната институционална одговорност е далеку поголема од мојата одговорност како граѓанин и жител на Република Северна Македонија.
Што денес Владата прави во време кога имаме војна меѓу Русија и Украина? Со измените на Законот, растот на пензиите ќе се усогласува по два односи, односно со порастот на трошоците за живот и растот на просечната плата.
Тоа значи дека веќе од овој септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историско највисоко зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат по околу 900 денари.
Понатаму, како дел од антикризните мерки, за месеците април, мај и јуни секој пензионер ќе добива дополнителни 1.000 денари на својата пензија.
Од денес ќе се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,95%; читам дека 99% исплатени се тутунопроизводителите.
Ете, се најви и штедење: нема луксузирање, Владата на институциите им најави забрана за купување на автомобили, мебел и останати буџетски расходи. Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително.
Кога ги наведов овие примери, би сакал да прашам, добро, што е толку погрешно со Владата? Очигледно многу малку, по се изгледа, оти, само за момент погледајте кој е и што е алтернатива на оваа Влада? Дали сте слушнале пакет кризни мерки од опозицијата? Сте слушнале ли како тие ќе нè вадат од криза? Не. Нема ни да слушнеме. Оти знаете како вели логиката: ако требаше да слушнеме, ние тоа и ќе го слушневме.
Знаете ли на што денес ми личи опозицијата? Прво, опозицијата денес за мене е навреда. Опозиционата политика за мене е навреда. Тоа не е политика по мој вкус. Тоа не е моја „македонштина“; и не само што јас со опозицијата не можам да се идентификувам, туку сум на потполно спротивна позиција.
Опозиционото делување во оваа земја е до таа мера тривијализирано, што самото делување апсолутно е фрлено во кал. И не само што нема смисла за опозициона политика, туку никогаш ВМРО-ДПМНЕ немала смисла за опозициона политика.
Оти на опозицијата никогаш за ништо не им е гајле, а себе единствено се гледаат на власт, иако со таа власт немаат појма што би правеле. Единствено што од политика им остана е да го излудуваат овој народ, тоа еднинствено „од политика“ им остана.
И на самиот крај, би сакал да потенцирам уште една добра политика. Сите оние кои на време се интегрираа во НАТО, многу повеќе се заштитени отколку што тоа денес е Украина. Тоа е еден многу важен факт. Северна Македонија, покрај сите лудила со кои се соочува, таа денес е заштитена земја.
Да, почитувани пријатели, не ми е срам од мојата Влада – и ја поддржувам.
16.3.2022 година
Владата се грижи за граѓаните, медиумите под контрола на опозицијата масно лажат
Популизмот на „десницата“ се состои од два елементи: креирање на „општо“ незадоволство од Владата (и нејзините институции) и продуцирање хистерија во медиумите кои се под нивна контрола. Се обидува десницата да креира нееднаквост и намалување на стандардот на граѓаните.
Реалноста е сосема обратна. Тука ќе го земам примерот со горивата, тема за која овие денови се користи луда реторика. ВМРО-ДПМНЕ традиционално зборува дека покрај „домашната кошница“ поскапуваат и горивата што претставува ноторна лага. Не е лага дека нема светска криза, ама лага е дека се молчи за цените на горивата.
Прво, во време на криза, премиерот Ковачевски и Владата креираа буџет од 400 милиони евра за помош на македонската економија (за граѓаните и компаниите) кои ќе бидат насочени преку 26-те мерки; второ, покачена е минималната плата како што се покачени и пензиите. Што претставуваат овие примери ако не грижа за граѓаните во време на светска криза? Тука опозицијата, традиционално, падна. Известуваше лажно.
Вториот пад на опозицијата и нивниот лидер Мицкоски е во хистеричната реторика: „горивата ‘до таван’ се поскапени“. Ајде да видиме дали тоа е точно. Ајде да видиме дали цената на горивата „оди до таван“ или се намалува.
Цените на горивата во Северна Македонија остануваат најниски од целиот балкански регион. И не само тоа, туку намалувањето на акцизата и ДДВ стана позитивен пример за сите регионални медиуми.
Северна Македонија ги поттикна – во време на сериозна криза – и другите Влади да ги разгледуваат механизмите како да дојдат до слична економска стратегија за помош на граѓаните. Која е таа можност ќе прашате: намалување на акцизата и намалувањето на ДДВ.
Не сакам да навлегувам во бројки, оти, нели, само еден е „математички прецизен“ лидер во земјава, сакам нешто друго да кажам. Секој еден граѓанин – не мора да биде страшен истражувачки новинар – може да појде на линкот „ГОРИВО.МК“, таму може да го види „ценовникот со историја за промената на цената и горивата“, може исто така да отиде на сајтот на „Регулаторна комисија за енергетика“ и да ги види во бројки цените на нафатата и нафтените деривати.
Доволно е само да се собере два-и-два и одговорите веднаш ќе ни бидат јасни.
Но, сепак, тука сакам да потенцирам нешто друго, а тоа се медиумите. Медиумите се тие кои наместо да ја смируваат и точно да ги информираат граѓаните, тие шират лаги и дезинформации дека ќе ни се случи катастрофа, дека цените растат до небо, дека ни се предвидува инфлациска катастрофа… Не, ништо од ова не е точно.
Сите знаеме – барем оние кои не живеат во четири sида – Северна Македонија има најефтина храна и плаќа најефтини цени на горивo. Чисто како за илустрација со другите земји во регионот.
Граѓантие на Хрватска горивата ги плаќаат по цена од 1,84 евра по литар за дизел и 1,72 евра за бензин, Еуросупер 95. Парламентот на Косово вчера заседаваше со цел преземање мерки и намалување на давачките за горивата, меѓутоа не успеа да донесе одлука. Цените на горивата во Косово остануваат 1,52 евра за бензин и 1,41 евро за литар дизел. Владата на Црна Гора претстави пакет мерки за намалување на акцизите, меѓутоа поради закоченост на парламентот таквиот пакет мерки се уште не е изгласан, а граѓаните на Црна Гора од денес ги имаат највисоките цени на горивата. Литар бензин во Црна Гора чини 1,78 евра, додека за литар дизел Црногорците плаќаат 1,73 евра. Од друга страна, Албанија не се одлучи на ваков чекор, туку ги замрзна цените на дизелот и бензинот на 1,72 евра по литар, што е нешто над 105 денари или околу 20 денари поскапо од цената во земјава. Во Србија литар дизел се точи за 1,6 евра, додека бензинот е околу 1,5 евра. Во Грција, цената на бензинот се движи нешто над 2 евра по литар, додека дизелот е 1,83 евра за литар.
Не можам да речам дека Владата на Северна Македонија не помага, тоа би било интелектуално нефер и човечки одвратно. Зошто останатите медиуми не известуваат реално, вистинито и интелектуално чесно? На чиј бунар дуваат, каде и на кому должат концесии? Како беше онаа: „вистината е како шило, в’ти-в’ти…“.
15.3.2022 година
Зошто Отворениот Балкан е силно важен
Сите ние кои се родивме и живеевме изесен период во „позниот титоизам“, а падот на самоуправниот социјализам заврши во војна и, следствено на тоа, просторот ни се наполни со ирационална омраза која предизвика најразлични облици за кршење на човековите права.
Оттука, гледајќи ја новата омраза (и непризнавањето од страна на Русија за територијалениот интегритет и суверенитет на Украина) која доведе до воена инвазија, не можам да се оттргнам од впечатокот кој ми вели: денес Отворен Балкан ни е многу повеќе потребен од било кога претходно.
Не можам да се отргнам од впечатокот дека само комуникацијата меѓу државите, а потоа и меѓу луѓето, е клучна за да се постигне релативен мир и просперитет. Од друга страна, „Отворен Балкан“ е идеја која ќе ги натера државите да зборуваат меѓу себе, да воспостават единствен пазар на работна снага, многу полесен проток на роба и движење само со лична карта. Северна Македонија е една од трите земји кои ја поттикнаа оваа иницијатива, а мислам, барем во овој период, дека и Црна Гора ќе се приклучи.
Што е важно да се каже за оваа иницијатив? Тоа дека минатото не може да биде посилно од сегашноста и иднината. На конкретен пример значи дека Србија ќе мора да го признае Косово и воспостави добрососедски односи како и во секоја друга држава во регионот.
Паралелно со тоа, мора да се работи на потполн и јасен процес на соочување со минатото во сите држави во регионот во кои, оние за кои се тврди дека правеле воени злосторства и кршеле тешки форми на човекови права, нема да бидат херои и нема да имаат поддршка од претставниците на власта. Дваесет години од крајот на војните, правдата за жртвите не може повеќе да се гледа како недостижен идеал, ниту како закана за сопствената нација.
Втората цел на Отворен Балкан е решавање, односно воспоставување на владеењето на право, ефикасна примена на законот еднаквост пред законот и зачувување на сите стандарди за зачувување и заштита на човековите права. Без овие цели не можеме да влеземе во Европа, без овие цели, не може да постои ни самата Европа.
И едно од најважните работи меѓу другото е: да се откажеме од политика на војна. Да се откажеме од „НИЕ да им покажеме на НИВ“, а исто така да се откажеме од политика на популизам која има мала политичка корист, а во директна имплементација на изговореното биде потполно нефункционално за граѓаните.
Исто така важно, барем во овој политички миг, денес во регионот се знае дека проширувањето е закочено, велам посебно денес кога татне конфликтот меѓу Русија и Украина. И важно е да се каже: никој не верува дека без поддршка од САД некоја од западниот Балкан ќе се интегрира во Европската унија.
Во некоја политичка смисла, сè ќе биде работа на договор и одлука, ама тоа не значи дека Северна Македонија треба да запре во своите идеали. Токму спротивното: мора да се работи на владеењето на правото, јакнење на институциите, зачувување на медиумски слободи и заштита на човековите права.
Значи, мора да работиме на овој проект силно, храбро и одважно. Не само ние, туку сите земји реципрочно во целиот регион. Доста ни беа војни, прекројување на територии и ужасни кршења на човековите права.
20.3.2022 година
Збогум, драги Игоре
Во денешната библиотека стои Игор Мандиќ, прочитан најмалку еднаш: „У задњи час“, „Себи под кожу“, „Бјела врана“ (ја купив во Белград 2012. година со мојот непрежален Роберто Беличанец), „За нашу ствар“, „Екстазе и мамурлуци“, „Шта, заправо, хоче те жене“, „Арсен“, „Книжевност и медијска култура“… Откако го сретнав Мандиќ, никогаш не се одвоив од него или тој од мене, сосема сеедно…
Ненад Јовановиќ