„Подесувањето на фискалните апарати беше лесна и едноставна операција што требаше да ја направат сите. Ние навремено информиравме, известивме кога почнуваат да важат мерките и до кога се роковите. Не се согласувам дека било кратко времето“ рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска во „Топ тема“ на Телма.
Таа додаде дека Управата за јавни приходи прави редовни контроли со цел да се обезбеди успешна имплементација на мерките донесени од Владата со цел задржување на животниот стандард на граѓаните.
„Граѓаните редовно пријавуваат и алармираат дека одредени трговци се уште не ја подесиле својата каса. При контролите на УЈП во петокот и саботата освен за новините во Законот за ДДВ, ние контролиравме и почитување на Законот за готовиснки плаќање, односно дали се евидентира целиот промет“ рече Лукаревска.
Таа додаде дека утврдено е на неколку места скриен промет, но дека со изречените казни се подобрува и даночната дисциплина и се сузбива сивата економија.
„За самостоен вршител на дејност глобата е 500 евра, додека за правно лице е 1000 евра за утврдени неправилности и непочитување на мерките. При првото констатирање на прекршок има парична глоба, а при следните има и забрана за вршење на дејност“ рече Лукаревска во „Топ тема“ на Телма.
Таа додаде дека кај правните лица, освен казна за деловниот субјект пропишана е и глоба за одговорното лице, која е помала.
Директорката на УЈП повика деловните субјекти да не прават профит на грбот на граѓаните, туку да ги почитуваат мерките кои се наменети за заштита на животниот стандард.
„Некој се труди да ги избегне законските обврски. Наша обврска е да го заштитиме буџетот и да овозможиме законито работење на сите даночни обврзници. Токму затоа нашите инспектори се на терен“ рече Лукаревска.
Д. Е.




