пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Застани да ти кажам нешто, ми рече чичко Атанас, 78 годишен чаирчанец, со постојано живеалиште во мојата Општина Бутел, и застанав, а тој продолжи. Ме праша како сум, така? Така, му реков, еве како сум ќе ти кажам, рече седнувајќи на клупата во паркчето помеѓу Опшитната и пазарчето, ја спушти кесата, и почна да збори. Види го с’лнцево, Боки, види го денов, и погледни ги људиво кои идат и са враќаат од пазар. Сите насмеани до уши, ама у очите немаат сјај. Види ги цветоине на кајсиине у дворовите како се отвараат ко пченка на вруќа рерна, и ти мамат насмевка, ти ја полнат душата зашто иде пролет. До каде го вдишуваш ваздухов кој од овој природен еркондиш’н, излага ко најпријатниот природен кислород кој ти ги отвара сите затворени келии у плуќа, ти кажуе дека си здрав после двегодишнава Корона, те охрабруе да тераш даље, да мислиш позитивно, да се радуеш, да бидеш среќен. И тамам помисливме дека ете, доаѓа време кога на онаа проклетијана што две години нè затвори по дома и нè натера сегде да носиме маски, и дојде крајот, ене онде, на неколку саати со авион се води војна. Страдаат луѓе. И слушај ме добро што ќе ти кажам, кога викам луѓе, мислам на сите, и оние у униформи, демек војници, и оние деца и бебиња, кои ете, се родиле и сакале да го живеат животот за да имаат детство барем слично ко моето и твоето. Да бидат спокојни, да се осеќаат среќни кога ќе излезат на улица, да си играат со другите деца затоа што и кај нив гледаат среќа и спокој, да ги видат дома мајките и татковците како се гушкаат и се смеат, без разлика на тоа дали имаат за денес или немаат. Ене ги, бе, онде, и на моменти мислам дека на ова прекрасно сонце, на овој убав пролетен ден, кислородот и овде е загаден и мириса на барут. Затоа кај луѓево нема сјај у очите, нема искрени насмевки. Ме праша како сум, така? Еве таков сум, Боки, ист како и ти, и како сите оние со кои денес на пазаров се разминав, се поздравив и со ишарети си одглумивме дека сме добри на прашањата како си. Немало ниту ќе има добра војна, драг мој Боки, ниту ќе има праведна борба за територија, за нови граници, за извор на нафта, гас и други тракатанци, затоа што овој кислород што дубоко го вдишуеме за да ни даде верба и живот, кислород кој ни вика чувајте ме, почнуе да мириса на барут, а недајбоже да фрлат нуклеарки, нема ни да мириса. Ќе ја уништиме природата, за да продолжат богатите и моќните да живеат во атомски засолништа…
Не ми смета сиромштијата и бедата, не ми е проблем ни секојдневно со нив да се борам, со нив се бори секој втор овде, и ете, вака или онака успева, успевам и ја, ете, жив сум, живи и здрави се и моите, ама ужасно ми смета недостатокот на сјајот во очите на луѓето со кои се поздравувам на улица. Не ми смета и тоа што гледам дека има богати и моќни луѓе, ми смета дрчноста, аздисот на таквите. Го имаат светот, имаат све, бараат уште, бараат и тие да не се живи ако го употребат тоа нуклеарно оружје. Можеби скривниците, тие атомски засолништа ќе ги спасат, ама кога еден ден ќе посакаат да излезат на површината, нема да ги пречека вакво сл’нце, онакви цветови на кајсиите, ниту оваков кислород. Нема да можат да вдишат длабоко за да ги напунат плуќата. И ај кажи ми, како сум, и кажи ми како си ти, и како е оној Путин? Кажи ми на каков јастук ја става главата тој моќник што испатри војска да убива и да гине, пред да заспие. Не е дека тој не знае што прави. Знае дека за да добие територија за пристаништа и аеродроми, кај што ќе се прчи со силата, со авиони и бродои пуни со ракети и топови, ќе му се закануе на светот, знае дека само заради тој аздис сеа убива луѓе, дека гинат и негови и кобајаги туѓи, знае и тоа дека не ја уништуе само оваа пролет, туку и сите други. И ај кажи ми, сува ли му е перницата на Путин, сабајлечки, на будење? Која територија на планетава ја има таа цена, бе Боки? Ете како сум, насмеан, ама без сјај у очиве. И што ако перницата ми е сува. Поздрав…
Поздрав чичко Атанас.