АНАЛИЗА НА 360 СТЕПЕНИ
Поминаа три недели откако вториот човек во Министерството за животна средина јавно соопшти дека квалитетот на воздухот во Скопје се подобрува.
„Факт е дека оваа година имаме значително намалување на бројот на денови на надминати среднодневни концентрации на ПМ10 честички.
Макрадули го темелеше својот став на податоците од мерните станици, од кои, пак, невладиниот сектор извлече сосема друг заклучок.
Значи, податоците беа тотално невистинити. Беа прво пријавени како да се за шест месеци, за зимските месеци, потоа излезе дека и тоа било грешка, меѓутоа не го демантираа, изјави Невена Георгиевска – од иницијатива „О2“
„360 степени“ провери – дали дишеме подобар, полош или ист воздух споредено со минатите години.
Типичен зимски ден во Скопје. Температура околу нулата, без врнежи и ветар и со намалена видливост. Од ридовите градот изгледа зачаден. На улиците – така и мириса.
Каков воздух дишеме меѓу метежот од возила, луѓе и градби, мерат неколку инструменти. „Ректорат“ е името на мерната станица на крстосницата кај комплексот судови.
„360 степени“ ги анализираше податоците за ПМ 10 честичките во последните осум години – од 2012-та наваму и пресмета во колку од тие 2.920 дена скопјани дишеле загаден воздух.
Податоците од мерната станица „Ректорат“ покажуваат дека во 2012 година дури 191 ден на таа локација се дишел нечист воздух, што на екранот е означено со црвена боја. Можеби било и полошо бидејќи, како што покажува сината боја, 45 дена таа година мерната станица не работела. Квалитетот на воздухот на локацијата се подобрил во следните три години, но по почетокот на изградбата на новите факултети во непосредна близина – ако може да прави таква поврзаност – тој стигнал до рекордни 221 ден со загаден воздух во 2018-та. Во 2019-та, кога градилиштето главно мируваше, значително е намален и бројот на денови во кој е надмината горната дозволена границата за ПМ 10 честичките.
Сличен е трендот и ако се анализира просечната дневна концентрација на годишно ниво. 2012-та повторно е втора најзагадена година во истражуваниот период. Воздухот, потоа, значително се подобрил во 2015 година, но неговиот квалитет се влошил во следните две години. Во 2019-та повторно има позитивен тренд.
Мерната станица, која граѓаните на апликацијата „Мој воздух“ или на интернет ја гледаат како „Центар“, се наоѓа близу зградата на Нова Македонија. И за таа локација направивме пресметка – каков воздух се дишел во последните 8 години.
За разлика од станицата „Ректорат“, во „Центар“ квалитетот на воздухот се подобрува од година во година. Најлоша за дишење била 2012 година со 211 загадени денови над дозволеното, кога патем имало и најмногу денови кога станицата не работела. Минатата, 2019 година, за прв пат се регистрирани помалку од 100 дена со недозволено ниво на ПМ 10.
Речиси идентичен е и трендот на просечни дневни концентрации на ПМ10 честички на годишно ниво.
Целата анализа на новинарот Антонио Крстевски, можете да ја погледнете на 360 степени.