Полициски екипи вечерва се во околината на селото Бујковци, каде жителите пријавиле дека виделе непознато летало со бела боја, кое летало многу ниско над нивите околу селото и претпоставувале дека се урнало, објави Телма.
Сите авиони од редовните авиолинии се слетани на аеродромот Скопје без никаков проблем, велат од АЦВ за Телма. Поради реновирање на пистата, поголем дел од слетувањата се одвиваат во доцните попладневни и ноќни часови.
Веста за наводен пад на воздухоплов ја пријавиле локалните жители на селото Бујковци, а пријавата ја упатиле до МВР, додека слични јавувања имало и во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Извори од МВР потврдуваат дека по пријавата, и нивни претставници го проверувале атарот на селото, но не нашле ништо. Поради дождот, облаците и веќе спуштената ноќ, не е возможна воздушна проверка на теренот со хеликоптери.
Засега нема официјално известување дали нешто е откриено и за што станува збор.





