Здружението на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ апелира до медиумите да не шират лажни и искривени информации во врска со петиции за преименување на улици во различни земји, каде што се наоѓаат руски амбасади и дипломатски претставништва (што навистина е глобална иницијатива на Украинското МНР во знак на солидарност со Украина). Од здружението повикуваат медиумите да не шират провокативна и нецелосна информација дека наводно е побарано улица „Македонија“ во Варна во Република Бугарија да се преименува во улица „Украина“.
Според „Лесја Украинка“, со ваквиот начин на пласирање дезинформации, се поттикнува омраза меѓу трите земји и се дава повод за злонамерните гласници кои ја поддржуваат руската агресија врз суверена Украина и да предизвикуваат непотребни тензии во моментот кога најмалку се потребни и во земјата и пошироко, особено во врска со чувствителното прашање за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Поради тоа, ве молиме внимателно да ги пренесувате информациите. Имено, иницијативата се однесуваше само на делот на улицата каде се наоѓа рускиот конзулат во Варна да се преименува во „Украина“, а не и целата улица“ – стои во соопштението на „Лесја Украинка“.
Понатаму, здружението посочува дека „иницијативата, двете наши пријателски земји да делат една иста улица во Варна, дополнително може да послужи за пример и за симбол на добри односи помеѓу Република Северна Македонија и Украина.“
Истото се однесува и само за делот на улицата во Скопје. Информацијата за барање за преименување на само дел од улицата е широко претставено во бугарските медиуми, како што се написите во Труд и BGonAir.
Здружението уверува дека Украина и Украинците секогаш со длабока почит се однесувале и се однесуваат и кон братската Република Северна Македонија и кон нејзината историја, и во никој случај не сакаат иницијативата да биде толкувана погрешно, и повикува информациони портали и медиуми на достојно претставување на оваа чувствително прашање Здружението користи оваа прилика за да уште еднаш се заблагодари на сестрана поддршка која Република Северна Македонија ѝ дава на Украина кога таа и е највеќе потребна.