Македонската ракометна репрезентација доживеа пораз од 32-28 (18-12) од домаќинот Австрија во „Штадхале“ арена во 3. коло од Европското првенство и со тоа го заврши настапот на континенталното натпреварување.
Австријците одиграа солиден натпревар и ја казнуваа секоја грешка на тимот на Данило Брестовац. Бевме воигра до 13-тата минута кога губевме со 7-6, по што следеше серија од Австрија како и одлични одбрани на домашниот голман Томас Ајхбергер, па такана полувремето заминавме со -6 (18-12).
Лошата игра продолжи во вториот дел, а по неколкуте грешки и реализирани контри од Австријците, веќе на семафорот стоеше 24-13 – разлика која до крајот успеавме само да ја намалиме. Двајцата селектори во последните минути им дадоа шанса на оние со помала минутажа, па поразот и неизгледа толку голем на крајот – 32-28.
Најдобар стрелец во нашиот состав беше Стоилов со пет гола, додека кај Австрија Билик даде шест гола.
Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров по елиминацијата на селекцијата од Европското првенство изјави дека никој не посакувал слично сценарио и дека е многу разочаран, но допрва ќе се прават анализи.
– Одигравме под нивото. Направивме многу грешки и промашивме многу шутеви. Австријците нè изненадија со одбраната 5-1, со полуфластер на мене. Стојам зад тоа дека можеме да играме со овој тим на Австрија, многу пати сме ги победувале, изјави Лазаров по поразот од Австрија.
Тој се заблагодари на навивачите и воедно им се извини за прикажаното на ова натпреварување.
– Останавме должни, заслужуваме секаква критика. Ова е удар за нас и за македонскиот ракомет. Треба да се направи анализа и да се почне од почеток, затоа што не смееме да го загубиме она што е најубаво, затоа што ниту една друга репрезентација не може да си дозволи 5.000-6.000 навивачи на првенство во друга земја. Kако капитен, сакам да им се извинам на сите кои беа тука и кои не гледаа од Македонија, вели Лазаров, кој го заврши Европското првенство со вкупно 22 гола.