Министерот за надворешни работи на Република Белорусија, Владимир Макеи, ги повика шефовите на министерствата за надворешни работи на ЕУ да го одмрзнат дијалогот меѓу ЕУ и Белорусија и да го надминат „леденото доба“ што започна меѓу ЕУ и Белорусија откако белорускиот режим ги задуши протестите против измамата на претседателските избори во 2020 година, пренесува strichka.com.
Оттогаш, земјите од цивилизираниот свет не го признаваат Александар Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија. И откако белорускиот диктатор во 2022 година ја понуди територијата на својата земја како отскочна штица за рускиот напад врз Украина, санкциите против Белорусија само се интензивираа и во оваа позадина да се зборува за нормализација на односите меѓу ЕУ и Белорусија, благо речено, е наивно. Особено што самиот Лукашенко постојано го обвинува колективниот Запад дека се обидува да дејствува против Русија и Белорусија, да го уништи нејзиниот режим, да ја поткопа стабилноста во сопствената земја итн. И Лукашенко ја изразува сета поддршка за Русија: од согласувањето со таканаречената „специјална операција“ на Владимир Путин до изјавите дека оваа операција е неопходна за да се спречи, наводната украинска агресија против регионите Доњецк и Луганск окупирани од Русија, против самата Белорусија и против Руската Федерација.
Зборовите на Александар Лукашенко веќе долго време се доживуваат во цивилизираниот свет и во неговата земја како тема за анегдоти, а не за политички коментари. И станува очигледно дека нема за што да се зборува со човек кој толку посветено се обидува да му служи на рускиот диктатор.
Сепак, фактот што Владимир Макеи напиша писмо до министерствата за надворешни работи на ЕУ е очигледен сигнал од белорускиот политички режим. Се разбира, самиот шеф на белоруското Министерство за надворешни работи никогаш не би напишал такво писмо. Секој негов чекор е во согласност со намерите на Александар Лукашенко и кога Макеи нагласува дека Белорусија не може да биде вовлечена во војната, бидејќи имало многу војни на нејзината територија и во нејзината историја. Ова е исто така сигнал до цивилизираниот свет дека барем белоруските војници нема да учествуваат во војната против Украина.
Превод: Жорж Димовски