На годинешната конференција „Дисикон – Интегритетот на информациите“, директорот за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски зборуваше за странските интервенции во поткопувањето на демократијата, како и за работата на Фондацијата Метаморфозис во борбата против дезинформациите, пишува Порталб.мк, пренесе META.
Стојановски потврди дека интегритетот на информациите и изборниот интегритет се меѓусебно поврзани и дека без силно новинарство не може да има демократија.
„Фондацијата Метаморфозис веќе неколку години работи на овие прашања, со цел да создаде подобра средина за граѓаните, да ги остварат своите права за подобар живот. Предуслов за фер избори е всушност способноста на граѓаните да бидат информирани и да носат одлуки врз основа на вистинити информации. Што е спротивно на атмосферата на ширење дезинформации или создавање на поларизирано општество, во кое објективните докази не се релевантни, туку само алатка за политичка манипулација или се суштински дел од арсенал за поларизација“, рече Стојановски.
Тој нагласи дека во целиот регион може да се види дека има разни локални и странски актери кои се обидуваат да ги користат дезинформациите како влезна точка со цел да ја поткопаат демократијата и во основа да го поткопаат целиот систем што беше развиен од крајот на Втората светска војна.
„Она што го имаме како проблем во регионот, но и ширум светот поврзано е не само со изборниот интегритет туку и со функционирањето на сегашниот систем, е тоа што силите на популизмот, силите на авторитаризмот и многу често силите кои се склони кон диктатурата се обидуваат да ги поткопаат сите основи на демократијата. Дезинформирањето и оружја како говорот на омраза, манипулирањето, политичката пропаганда кои го одвлекуваат вниманието на луѓето од актуелните прашања кои ги засегаат нивните животи создавајќи виртуелна реалност“, рече Стојановски.
Според него, иако регионот има многу сличности, земјите во регионот имаат и локални или национални разлики кои треба да се земат предвид, за да силите кои се обидуваат да ја поддржат демократијата можат да работат сами, а особено заедно преку границите за да им се спротивстават на другите видови на сили.
„Иако целиот регион треба да биде дел од Европската унија, на теренот има и сили кои непрекинато работат на поткопување на овие напори. Поради тоа нашиот регион е толку ранлив на овие влијанија и сè уште има поголем ризик од ескалација. Не замислувавме дека тоа што се случи во Украина ќе се случи во Европа, во овој век, но се случи. За да се спречи истото да се случи на Балканот, можеби со различни димензии, но со слични последици, треба да се инвестира многу повеќе“, рече Стојановски.
Тој истакна дека локалната верзија на путинизмот е доживеана во Северна Македонија, односно во период кој Европската Унија го означи како период на заробување на државата.
„Време кога една политичка партија или група политички партии и моќни политичари беа во можност да ги контролираат речиси сите аспекти на општеството искривувајќи ги суштински поимите за демократија за слободни избори и отчетност. Претворајќи ги во нивна спротивност исто како дезинформациите и говорот на омраза, кои во суштина се перверзија или спротивност на слободата на изразување. Ситуацијата на заробување на државата каде луѓето имаат илузија дека избираат со учество на избори, а всушност немаат избори во изборните резултати, е спротивното на демократијата“, објасни Стојановски.
Тој, меѓу другото, рече дека моментот кога тие политичари се почувствувале притиснати во ќоше беше токму народниот отпор преку про-демократски протест и во текот на процесот на артикулирање на вистинска демократија не само преку протест, туку и преку систематски промени, вклучително и реформите барани од страна на Европската Унија и меѓународната заедница за таа да се постигне одредено ниво на заслуги за членство во Европската Унија.
„Имаше најмалку две ситуации во кои можеше да избие вооружен конфликт или истите беа изградени за да експлодираат во земјата. Првата беше на 9 мај 2015 година, а во тоа време во Москва беше парадата на Денот на победата која беше бојкотирана од НАТО. За жал, личноста која ја извршуваше функцијата претседател на државата беше дел од таа прослава и не ги поддржа НАТО и Украина, која уште оттогаш е под агресија. И на 27 април 2017 година кога имаше обид да се наруши изборниот процес, да се нарушат изборните резултати и да се спречи формирање на коалиција на влада составена од партии кои заедно освоија мнозинство. Навистина е важно да се има предвид дека вообичаено последната фаза на автократијата или диктатурата е конфликт, вооружен конфликт. Тој е или проектиран однадвор за да ги компензира проблемите во земјата, или ако не можат да го проектираат однадвор, го проектираат од внатре преку форма на граѓанска војна или како што ја нарекуваат „валкана војна“ како таа во 2017 година кога во Аргентина режимот се сврте против сопствениот народ“, изјави Стојановски.
Од друга страна, тој ја покажа работата што Фондацијата Метаморфозис ја прави против дезинформациите
Фондацијата Метаморфозис е дел од неколку иницијативи кои се дел од тековните напори за борба против дезинформациите, во кои се вклучени и граѓанските организации и независните медиумски организации. Во моментов сме вклучени во две големи активности, првата во земјата, а втората е регионална.
„Поради порастот дезинформациите во политичката сфера ширум светот поврзани со подемот на популизмот, имавме одговор и од граѓанското општество и медиумските организации кои почнаа да работат на проверка на политичките факти, поточно разгледување на изјави на политичари, партии, изборни ветувања и сето тоа се случи некаде 2010-11 година. Сепак, проверувачите на факти, вклучително и Метаморфозис, која управува со услугата за проверка на факти наречена „Вистиномер“ од 2011 година, сфатија дека е потребно повеќе. Факторот кој влијае на дезинформациите во медиумската сфера не се само политичарите, туку самите медиуми и социјални мрежи – луѓето кои ги користат социјалните мрежи. Затоа уште во 2012 година почнавме да развиваме методологија за проверка на факти на медиумските содржини засновани на новинарскиот код, а од 2020 година се приклучивме на партнерството со трета страна, понудено од Фејсбук, за разгледување на виралните дезинформации“, објасни Стојановски.
Другиот аспект на методологијата во оваа насока, како што рече, е вмрежувањето на организациите кои се борат против дезинформациите.
„Не можам доволно да нагласам колку е важно овие организации кои работат против дезинформациите да соработуваат меѓу себе. Затоа во најновата иницијатива сме партнери со организации од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, за да работиме заедно на овие прашања. Имајќи предвид дека ситуацијата може да биде различна во секоја земја, ние се потпираме на искуството и оценките на секоја партнерска организација во рамките на овие земји. Потребни се многу повеќе напори за да се спротивставиме на трендовите кои се присутни во сите овие општества“, рече меѓу другото Стојановски.
Според истражувањето на Метаморфозис во Северна Македонија со локалното население, на репрезентативен примерок, Стојановски појасни дека резултатите покажуваат дека луѓето се свесни за проблемот со дезинформациите.
„Над 90% од испитаниците рекле дека дезинформациите се проблем во нашата земја и над 83% рекле дека очекуваат властите да направат нешто околу тоа, вклучително и законски измени, што е големо придвижување за подигање на општата свест на пошироката јавност, но и предупредување за засегнатите страни кои треба да преземат нешто“, рече Стојановски.
Според Стојановски, во борбата против дезинформациите, важно е да се обединат и другите сектори во општеството, особено академијата. Друг важен елемент, според него, во борбата против дезинформациите е медиумската писменост и дигиталното образование.
Развивме тригодишна програма како „КриТинк“. Од суштинско значење е медиумското образование да стане составен дел од образовниот процес уште од првиот ден, уште од рана возраст. Потребно е масовно ревидирање на наставната програма, но и обука на наставниците“, подвлече Стојановски.
Според него, првиот чекор во оваа насока би бил новинарите да станат проверувачи на факти и потоа да можат правилно да ја даваат оваа услуга, бидејќи како што рече е многу амбициозно сите граѓани да се претворат во проверувачи на факти.
„Проверувачите на факти треба да работат многу побрзо од истражувачките новинари, на кои понекогаш им требаат месеци, па и години за да ги откријат сите дезинформации, но ако веднаш не се справите со дезинформациите, тие веќе ја направиле штетата, и затоа транспарентноста на владините институции е суштинско, а зголемувањето на транспарентноста значи помалку простор за дезинформации“, рече Стојановски.
Тој зборуваше и за насилството врз жените во политиката, што го квалификуваше како многу голем проблем во земјата.
„Метаморфозис е основач на три медиуми, Вистиномери – проверка на факти, портал за вести на албански јазик Portalb и новинската агенција Мета. Во сите овие медиуми имаме новинари кои се соочија со мизогинијата како алатка против нив како новинари, не се само политичарите иако тие се почесто на фронтот. Би ја нагласил и опасноста за новинарките, кои се во првите редови соочени со овој јазик на омраза и на други облици“, истакна Стојановски.
Меѓу другото, тој го спомена примерот со нападот врз министерката за одбрана и родово базираните напади што беа упатени кон неа неодамна кога таа изрази солидарност и поддршка на Украина против руската агресија, а како што рече тоа немаше да се случи доколку министерот беше маж.
Инаку, Националниот демократски институт (НДИ) собра експерти од Балканот, Европа и САД од технолошките медиуми и новинарството, како и претставници од политичките партии и граѓанското општество, за да разговараат за потребата за интегритет на информациите. Под сеопфатната тема „Улогата на интегритетот на информациите во одбраната на демократијата“, третиот DISICON даде увид во тоа како дезинформациите ги загрозуваат демократските процеси и ранливоста на младите од овој феномен. Беше вклучена и улогата на странската интервенција во намалувањето на интегритетот на информациите. Дводневниот настан опфати презентации, тематски панели и работилници со партнери на НДИ, млади луѓе и новинари во Косово, како и меѓународни партнери.
Дискусијата на директорот за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски можете да ја погледнете во видеото подолу почнувајќи од 16:30 до 01:09:30 часот или со кликнување ТУКА.