Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изгуби трпение и на прес конференција упати ултиматум до премиерот Ковачевски да свика лидерска средба на која ќе разговарале за предвремени избори кои „доколку не се случат ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе сериозни и досега непрактикувани чекори“ а на крај и „народот ќе мора да дојде по своето“, затоа што како што вели тој „сето ова како што имало почеток, има и свој крај“.
Инаку останува прашањето дали Мицковски повторно го повиква народот на немири како што тоа го направи Груевски на 27 април 2017 година.
Мицковски на овој начин директно и се заканува на власта дека е подготвен за дестабилизација на државата доколку не се исполнат неговите барања.
Имено повикувањето на „народот да си го земе своето“ е и прашање со кое треба да се позанимаваат и други надлежни институции во државата, како повик кој поттикнува на насилство и е закана за безбедноста на граѓаните, но и на устаниот поредок.
Имено заради тогашниот повик на Никола Груевски „до народот“, во затвор завршија голем број граѓани. Беа обвинети 33 лица, кои се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Постапката е запрена за Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија.
Инаку за потсетување:
- На 26 февруари, 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот… Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување и да покаже дека има и капацитет и волја и моќ да ја брани својата држава и јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува. И само народот е тој што може тоа да го спречи, никој друг.
По ова интервју, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“
- На 19 март, 2017, Никола Груевски на интервју на Канал 5 изјави: „Што народот ќе прави, тоа никој не може да го предвиди, народот е над политичарите и нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. Ние не одиме против волјата на народот, тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот.
- На 9 април, 2017, изјава на Никола Груевски, во време кога СДСМ и ДУИ беа во преговори за формирање коалиција: „Доколку СДСМ влезе во такво сценарио за кое се заговара деновиве, на неправно, незаконско, неделовничко однесување во Парламентот, треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира оштро, а треба да очекува дека и народот во Република Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Да не мисли дека тоа ќе помине туку така и дека народот ќе остане со скрстени раце. ВМРО ќе одговори жестоко и ќе одговори соодветно“.
По ова на 27 април се случи насилството при упадот во Собранието.
Патем, оваа тактика на Груевски не е негова измислица. Во современата историја на распаѓањето на Југославија формулата на уривање на политичките противници и рушење на една власт со т.н. „Десио се народ“, ја применуваше покојниот српски автократски лидер Слободан Милошевиќ, кој на крајот и самиот беше соборен откако му се “деси народ“, по негирањето на изборните резултати за претседателските избори во 2000-тата година во Србија.
Д. Е.







