Искуствата низ години што агенција „Марили“ ги има во различните проекти посветени на жената во бизнисот покажуваат дека жените се еднакво платени со мажите, но потешкотијата е во искачувањето до одлучувачки позиции, а тоа го покажува и ниската процентуална стапка за нивно присуство како претседатели на управни и надзорни одбори, смета генералната менаџерка на Агенција Марили, Лидија Трипуноска за Фронтлајн.
„Во таа насока нашето општество треба да ги следи европските регулативи и да овозможи загарантирани стапки на учество на жените на одлучувачки позиции во сите сектори, па и во бизнисот“, вели Трипуноска.
Трипуноска смета дека во услови на криза, пандемија, конфликтот во Украина, енергетската криза, жените менаџерки одлично се носат со предизвиците, па дури и си помагале меѓусeбно и биле солидарни.
„Во изминатиот период постојано сме под притисоци од разни кризи. Пандемијата, пред сè која трае повеќе од две години, на неа се надоврза енергетската криза, а потоа и воената криза предизвикана од конфликтот во Украина од која најмногу се погодени микро, малите и средни компании, каде и најмногу гравитираат бизнисите предводени од жени. Битката во рамки на женското менаџерство, лидерство и претприемаштво е голема за надминување на овие предизвици прво за опстанок, а потоа за развој на бизнисите. Голем дел од нив беа и солидарни и понудија хуманитарни средства и донации помагајќи ги здравствените установи и социјално загрозените семејства и поединци“, вели Трипуноска за Фронтлајн.
Ивана Т. Зафировска