Денеска на повеќе локации низ Скопје анонимни активисти поставија макети од мобилни телефони на чии екрани се претставени некои од најчесто употребуваните и најштетните дезинформации во Македонија.
Покрај секоја од лажните вести напишана е по една народна поговорка или адаптација на народна мудрост која укажува на штетноста, неморланоста и опасноста од манипулациите врз населението.
Авторите на инсталациите поставија пет најзлонамерни дезинформации и ги соочија со пет народни мудрости.
АСНОМ е избришан од Уставот – Отвори си ги очите, ако мижиш, ќе те лажат!
Со договорот од Преспа станавме Северномакедонци – На лагата и се куси нозете, а долги опашките!
Путин ја ослободува Украина од фашизмот – Отвори си ги очите, ако мижиш, ќе те лажат!
Се градат кампови за Македонија да на населат стотици илјади мигранти – Проверувањето е мајка на знаењето, три пати провери еднаш сподели!
За само две недели ова ќе ви го промени животот – Што ќе кликнеш тоа ќе жнееш!
Освен, дезинформациите кои се директно посветени на намерно и злонамерно ширење лаги поврзани со национални прашања, како што е дезинформацијата дека во Македонија ќе се градат огромни кампови за долгорочно сместување (населување) на мигранти во земјата, авторите на овие инсталации, предупредуваат и на стотиците лажни објави на социјалните мрежи кои ветуваат „магично“ решение на проблемите кои ги имаат луѓето, најчесто за одредена сума на пари.
Во оваа акција не е изоставена и светската безбедносна криза која настана со суровата агресија на Русија врз Украина. Експертите од земјите на НАТО и ЕУ подолго време предупредуваат на систематското ширење на дезинформации кои имаат за цел да ја оправдаат неиспровоцираната инвзија на Русија врз Украина. Таканаречената „денацификација“ на Украина (земја чиј претседател има еврејско потекло и огромен дел од неговите предци завршиле како жртви во Холокаустот) е само смислено ширење на безобразна и нечовечка лага која треба да обезбеди идеолошко оправдување на инвазијата, разрушувањата и илјадниците жртви и ранети. За оваа сурова лага, контратежа прави поговорката која, во овие времиња на масовни медиуми, нерегулирани интернет портали и различни социјални мрежи мора да ни биде постојано на ум кога ќе видиме некоја вест, или нечиј статус на интернет кои не можат да бидат потврдени од други извори, а предизвикуваат страв, омраза, или недоверба: Отвори си ги очите: Ако мижиш, ќе те лажат!
Д. Е.