ЏАБИР ДЕРАЛА
Ја читам (тоа ми е работа) анализата од мониторинг тимот на Цивил за директорката на една приватна високообразовна установа во Скопје, во која се анализира нејзината активност на социјалните мрежи. Од приложеното, се гледа дека таа е вреден проруски пропаганден „пешадинец“, но не се воздржува ни од заканувачки коментари. Се заканува дека „ќе полнат зандани“.
Не кажува точно кои се тие со кои ќе се наполнат занданите, но во долгите години проруска пропаганда во земјава научивме кои можат да бидат тие. Знаеме дека заканата им е упатена на сите што ќе се најдат на црната листа со која се закани рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, а потоа и руската амбасада во Скопје, во првите денови од бруталната агресија на Русија врз Украина. Имаше само еден одговор што може да се даде на таа закана од руската машинерија: чест е да се биде на црната листа на злосторниците.
Напаѓаат „во стрелци“
Во споменатата анализа се работи за само една претставничка – солдат – во „пешадијата“ со која располага руската пропаганда во нашата земја. На некој начин, отстапува од вообичаениот профил на радикалните националистички и антизападни тролови на социјалните мрежи. Кај неа може да се забележат и афирмативни коментари за Референдумот во 2018 година за прифаќање на Преспанскиот договор.
Вредните аналитичари на пропагандата во тимот на Цивил, откриваат илустративни примери на пропагандисти кои напаѓаат мошне организирано и синхронизирано – „во стрелци“. Спрегата меѓу медиумите и нападите на социјалните мрежи е добро позната и разоткриена.
Се појавуваат во сите клучни моменти за општеството и за државата. Има случаи кога им се придружуваат или ги поддржуваат прогресивните идеи и движења. Тоа се случува од различни причини. Една од причините за тоа „свртување“ е да ја стекнат довербата на „спротивната страна“, но мотивот може да биде и личен интерес. Причината може да биде и учество во некој проект на граѓанското општество, што најчесто е личен интерес, финансиски или кариерен.
Кратка историја на гадостите
Интересно е што руските пропагандисти во овој период ги препознаваме и во редица претходни настани и процеси. Еве кратка хронологија на гадостите.
Голем број од нив ги гледаме на социјалните мрежи со јасна поддршка на „Стоп операција Сорос“ во 2016 година. Потоа, голем број од нив се или ги поддржуваат „тврдокорните“ националисти веднаш по изборите во декември 2016 година.
Тие го оправдуваат и нападот врз пратениците и новинарите во Собранието на 27 април 2017 година, а организаторите и насилниците ги нарекуваат „уставобранители“. Истата, 2017 година ширеа антимигрантска и антиисламска хистерија во пресрет на локалните избори, тврдејќи дека во земјата ќе се населат стотици илјади екстремисти од Блискиот Исток.
Во 2018 година се впуштија во дива пропаганда против процесот за надминување на грчко-македонскиот спор со името и против уставните промени што уследија на почетокот на 2019 година.
Ширеа дезинформации и теории на заговорот за пандемијата од Ковид-19. Беа антиваксери. Ги лајкаат „рамноземците“ (Земјата е рамна). За време на сите изборни процеси шират националистичка и верска омраза, дезинформации и пропаганда.
Конечно, добија „судбоносна“ прилика: Со сите сили, како знаат и умеат – ја оправдуваат руската агресија, геноцидот и систематската тортура и масовни убиства и силување во Украина.
Ја сакаат Русија, но само на социјалните мрежи
Сакаат да живеат и да ги уживаат придобивките на западните демократии. Никогаш не би помислиле да живеат во Русија, дури ни во Москва, а камоли некаде во руската непрегледна пустелија.
Ја сакаат Русија, но само на социјалните мрежи.
Што е заедничко за повеќето од нив? Нивниот вокабулар е сличен. Често ги „позајмуваат“ слоганите и повиците за слобода, правда и демократија од времето на Шарената револуција. Говорот на омразата, вулгарноста и манипулациите се присутни безмалку во секоја од нивните објави или коментари. Вредно се следат меѓусебно и си ги лајкнуваат и споделуваат грдите содржини, што е резултат од структура што работи според план и програма. Релативно лесно се препознава кој од нив е платен, а кој е „корисен идиот“.
„Правдата“ на пропагандистите
Се закануваат дека ќе судат, апсат, бесат, палат, убиваат и силуваат. Но не кажуваат во име на која институција и во кое својство ќе ја спроведуваат својата „правда“. Не спомнуваат партија или организација, не спомнуваат процес на менување и донесување закони според кои таа „правда“ ќе ја спроведуваат. Веројатно, „правдата“ ја замислуваат како што беше спроведен геноцидот во Руанда. Или во филмската дистопија The Purge. Но тие што ја креираат и водат пропагандата, добро знаат што прават и што сакаат да постигнат. А во пропагандата, важно е да се „продаде“ продуктот, а не колку „конзументот“ разбира што „купил“. Но тоа е повеќе од познато, зарем не?
Според сознанијата на Цивил, онлајн насилниците често се обраќаат во приватна комуникација кај луѓето што споделуваат содржини со прогресивни пораки, ги навредуваат и им се закануваат. Повеќето луѓе не сакаат да си имаат работа со овие онлајн насилници. Разбирливо е, мирните и пристојните луѓе не сакаат да се изложат на онлајн линчот на пропагандистите и троловите само затоа што кликнале лајк на некоја објава на Фејсбук или Твитер. Затоа, за да ја искажат својата поддршка или согласување со содржините што моите колешки и колеги ги објавуваат на социјалните мрежи, ни пишуваат пораки и мејлови. Така дознаваме дека влијанието на пропагандистите ни оддалеку не е толкаво како што изгледа на социјалните мрежи.
Добро е да се нагласи дека пропагандистите се чувствуваат заштитени и имаат зошто: уживаат во неказнивоста и поддржани се од бот машинеријата на националистичките, антизападни, проруски структури. Некои од нив и заработуваат, платени се да шират антизападна, антидемократска и проруска пропаганда и омраза. Мониторингот веќе одамна утврди дека голем дел од „пешадијата“ на пропагандата е вработен во администрацијата, некои од нив и на одговорни места. Значи, со пари на граѓанките и граѓаните работат против националните стратешки определби.
Борбата е тешка, но фактите ќе победат
Што е целта на пропагандата? На Путин не му е важно дали некој верува во „праведноста“ на геноцидот што неговата злосторничка клика го спроведува во Украина. Важно му е да предизвика поларизација во општествата, недоверба во институциите, тензии меѓу заедниците и нестабилност во демократските држави. Тоа е дел од неговата освојувачка стратегија. Смешно би било ако некој помисли дека се работи за застапување некакви вредности. Се работи за хибридна војна против демократијата во Европа и во светот. Точка.
Деновиве, нивните главни поттикнувачи и спонзори од политичките партии и националистичките банди со егзотични имиња се многу тивки. Ја оставаат само пешадијата да дивее низ социјалните мрежи, заедно со нивните медиумски капитени кои шират дезинформации, митови и омраза. Нивната агилност, се чини, е правопропорционална со неуспехот на Путин на бојното поле.
Борбата е тешка, но фактите ќе победат. А тие ќе останат во калта на моралниот распад.