Најмалку 19 деца загинаа при пукање во основно училиште во Тексас во текот на вчерашниот ден, јавија американски медиуми, пренесе ДПА.
Во инцидентот загинаа и две возрасни лица.
Напаѓачот, на возраст од 18 години, е убиен од безбедносните сили, но, медиуми нагласуваат оти не е јасно дали и тоа лице се брои меѓу оние, кои го изгубија животот.
Си-ен-ен претходно информираше дека осомниченото лице ја убило баба си пред да се упати кон училиштето, цитирајќи повеќе извори.
Според бројот на загинати, пукањето во основното училиште Роб е најсмртоносно, уште од 2012 година, кога во основното училиште Сенди Хук загинаа 20 деца и шест други лица.
Се верува дека напаѓачот делувал сам „за време на ова грозоморно злосторство“.
Американскиот претседател Џозеф Бајден ѝ се обрати на нацијата од Белата куќа и реторички запраша кога САД ќе застане на патот на „лобито за оружје“.
„Се надевав дека како претседател нема да мора вака да се обраќам. Масовната пукотница во основното училиште во Јувалде е уште еден масакр во САД… Убави, невини деца, од второ, трето, четврто одделение. А колку деца беа присутни и гледаа додека нивните пријатели гинеа, како да се на бојно поле“, рече Бајден.
Американскиот претседател говорејќи за големината на загубата рече дека „да изгубиш дете е како да откинеш дел од душата“.
„Тоа е како да се гушите. Барам од нацијата да се моли за жртвите и да застанеме на патот на лобито за оружје. Ве молам да им дадеме сила на родителите и на браќата на загинатите во оваа темнина што ги снашла. Како држава мора да се запрашаме, кога ќе се попречиме на патот на тоа лоби за оружје? Кога ќе го направиме она за што длабоко во себе знаеме дека треба да се направи“, додаде Бајден.
Осврнувајќи се на прашањето за Законот за контрола на оружјето, Бајден побара од пратениците „да ја претворат оваа болка во акција“, притоа потсетувајќи на сличниот инцидент што се случи во основно училиште во Њутаун – Конектикат од 2012 година кога тој беше потпретседател.
„Уморен сум од се, уморен сум. Мора да дејствуваме. Немојте само да ми кажете дека не можеме да реагираме по овој масакр. Зошто дозволуваме тоа да се случи“, рече Бајден./МИА/.