Руските сили крадат жито и храна од привремено окупираните територии во Украина и го транспортираат во Русија или го продаваат на трети земји од регионот, информираат украинските власти повикуваќи се на извештаи од Министерството за одбрана и други официјални извори.
Од магацините на привремено окупираниот Бердианск, Русите со автомобили однеле жито на Крим, а потоа во Русија, брифираат украинските власти.
„Конвој камиони со жито украден од компанијата „Аскет Шипинг“ е забележан на автопатот Мелитопол. Претходно „Аскет Шипинг“ одбиле да соработува со окупаторите и ги преселиле своите капацитети во западна Украина. Повеќе од 30 камиони со приколки полни со жито биле забележани во близина на фабриката Азовкабел“, јавуваат украинските власти.
Руските сили, како што се наведува во извештајот, се обидуваати и со железница да транспортираат жито од пристаништето Мариупол. За таа цел, итно почнале поправки на железничката пруга во Мариупол и станицата Сартана.
Користејќи ги пристаништата на Автономната Република Крим и градот Севастопол, Русија го извезува ограбеното украинско жито во трети земји по морски пат, велат украинските власти.
Бродот „Sailor Pazynych“, кој веќе превезол украдено жито во Сирија, се вратил во Црното Море и бил повторно натоварен. По напуштањето на кримското пристаниште „Sailor Pazynych“ се упатил кон Бејрут, главниот град на Либан.
„Кражбата на храна од окупираните територии е кршење на Женевската конвенција од 1949 година во однос на заштитата на цивилните лица во време на војна и воени злосторства според член 8 од Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд“, нагласува украинската омбудсманка за човекови права Људмила Денисова.
Ј. Ѓорѓиоски