На големиот ден кога ги празнуваваме сесловенските просветители и мисионери на христијанството Кирил и Методиј, Српската православна црква ја призна афтокефалноста на МПЦ-ОА, а со тоа се беше затворена шестдецениска шизма. Поглаварот на Српската православна црква Господин Порфириј на заедничката литургија на СПЦ и МПЦ – ОА изјави дека следен чекор е синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, подготовка на официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени. Патријархот на СПЦ Порфириј во својот говор порача „Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздрават автокефалноста на МПЦ – ОА“. Но, во моментов останува отворено прашањето каква позиција ќе зазема Бугарската православна црква во однос на автокефалностна на македонската. За овие отворени прашања ФРОНТЛАЈН разговараше со Марјан Николовски, долгогодишен новинар, одличен познавач на црковните прилики во земјава и уредник на Религија.мк.
ФРОНТЛАЈН: Какви се ставовите на Бугарската православна црква за признавање на Македонската православна црква?
НИКОЛОВСКИ: Бугарската православна црква засега нема соопштено официјален став по однос на МПЦ ОА и процесот за издавање Томос за нејзина автокефалност. Има спорадични изјави на некои митрополити, но од нив не може да се влече генерална оценка каква позиција ќе заземе БПЦ во однос на македонската автокефалност.
ФРОНТЛАЈН: Колку името Охридска архиепископија е пречка за БПЦ да ја признае МПЦ-ОА?
НИКОЛОВСКИ: Името Охридска Архиепископија е во фокусот на оние поединечни изјави на одредени владици на БПЦ, кои се обидуваат да наметнат став дека Охридската Архиепископија е бугарска. Но реалноста е што БПЦ, како канонска наследничка на Трновската Патријаршија, од нејзиното возобновување па сè до 2009 година, воопшто не ја спомнуваше Охридската Архиепископија, како дел од историското наследство на кое се возобнови БПЦ. За канонски наследник БПЦ се повикуваше на Плиската црква, Преславската, Трновската. Од 2009 година се повикува и на Охридската архиепископија. Но, тоа не е причина да БПЦ влегува во процес за оспорување на името на МПЦ како Охридска архиепископија, затоа што Охридската архиепископија имала широк дијацезен простор, кој во еден период ја опфаќа и Бугарија, но Томосот што Вселенската Патријаршија ќе треба да го издаде, се однесува на територија на политичките граници на државата Македонија, што значи дека во БПЦ не може никој да толкува дека автокефалната Охридска Архиепископија е некаква јурисдикциска претензија врз Бугарија. Од друга страна, ако за БПЦ е толку важна Охридската Архиепископија зошто во обновата на БПЦ не го искористиле ова име, туку го избрале името на Трновската Патријаршија. Пред укинувањето на Охридската Архиепископија и на Трновската патријашија, тие две цркви во исто време функционирале како две одделни, што значи се и две посебни, а не исти цркви.
ФРОНТЛАЈН: Какви се во моментот односите на БПЦ- БП И МПЦ-ОА?
НИКОЛОВСКИ: Односите на МПЦ- ОА и БПЦ секогаш биле коректни и верувам дека и сега е така. Не очекувам промени, напротив очекувам нивно продлабочување.
ФРОНТЛАЈН: Со оглед на отворените политички прашања дали во блиска иднина сметате дека БПЦ ќе ја признае МПЦ- ОА?
НИКОЛОВСКИ: Искрено мислам дека БПЦ ќе биде третата православна црква со која МПЦ -ОА ќе воспостави канонско сослужување, веројатно по сослужувањето на Архиепископот Стефан со Патријархот Вартоломеј на 12 јуни. БПЦ нема никаква причина да не ја признае МПЦ-ОА.
Едно што тоа дополнително би ги влошило меѓудржавните односи.
Второ брз чекор кон прифаќање на МПЦ ОА како рамноправна црква ќе го намали негативниот набој меѓу Македонците и Бугарите.
Трето БПЦ нема избор дали ќе треба или не да ја признае МПЦ ОА, особено откако СПЦ дава согласност за автокефалија од нејзината јурисдикциска територија.
Според Николовски, многу е важно што БПЦ ќе биде една од православните цркви кои кон МПЦ- ОА ќе се обраќа со името Македонска и додава дека секој поинаков избор би бил само лоша политика на бугарскиот Синод.
И бугарскиот црковен аналитичар и историчар Горан Благоев смета дека БПЦ ќе мора да ја признае македонската како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато, бидејќи според него, шансите за тоа се пропуштени.
Тој оценува дека речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија за името Охридска архиепископија, и оти ќе биде прифатено она што го диктира и одредува Цариградскиот патријарх. Она што се случи со МПЦ, според него, е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај.
Пристапот и односот на Бугарија во однос на ова прашање, смета Благоев, треба да биде многу деликатен, бидејќи Софија веќе огорчила доволно луѓе во земјава со болокадата на влезот во ЕУ.
Мартина Ацковска