Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во рамки на нејзината агенда на Преспа форумот за дијалог, денеска се сретна со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
Како што информираат од Влада, на состанокот вицепремиерката Грковска истакнала дека Северна Македонија високо ја цени долгогодишната соработка и дијалогот со ОБСЕ. Нагласила дека од посебна важност за земјата е експертизата на ОБСЕ, особено во реформата на полицијата, борбата против корупцијата, интегритетот и доброто владеење како и изборните реформи во согласност со препораките на ОДИХР и европските изборни стандарди.
-Во разговорот вицепремиерката ги нагласи приоритетот на Владата за спроведување на реформите во правосудството за да се обезбеди правично, непристрасно, ефективно, одговорно и транспарентно спроведување на правдата, истовремено поддржувајќи ги напорите за враќање на довербата на јавноста во правосудниот систем. Грковска истакна дека земјава се залага за време на претседавањето од ОБСЕ да се покрене нивото на јавна дебата за доброто владеење, борбата со корупцијата и личниот интегритет како основи за стабилни и силно демократии, е наведено во соопштението.
На состанокот се разговарало и за актуелни безбедносни ризици со кои се соочува регионот и улогата на Организацијата во справување со истите. Двете соговорнички се согласиле дека безбедноста во ОБСЕ сферата мора исто така да се фокусира на новите технологии, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста.