Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Зошто Софија одби да ја прифати преговарачката рамка во која нејзините барања стануваат европски?
Како што тврдат мускетарите и мускетарките на кралскиот македонизам во Скопје.
Зошто Бугарија го одби францускиот предлог ако е тој џубокс за нејзините музички желби.
Кондом за безбеден секс со Македонија.
Хахаха!
Еве еден можен одговор:
Бугарија знае дека нејзините барања се јуриш на Бај Гањо Кихотов врз ветерниците на минатото и дека исполнувањето на тие императиви не е пат што ќе ја доведат Бугарија до целта.
Туку нивното одбивање.
Ако одбивањето доаѓа од Скопје-супер, ако Скопје покажува некакви намери да прифати дел од тие барања или речиси сѐ, Софија ќе каже дека тоа не е доволно и ќе викне – не!
Има две причини за таквото поведение.
Првата е свеста дека сите тие барања и документите во кои ќе бидат поместени, се пичкини димови во однос на македонската стварност, немоќни се во однос на таа стварност, посебно во однос на амбицијата таа стварност да се смени.
Да се размакедончи и побугарчи.
Преку интервенција во преамбулата, да речеме.
Што во македонската стварност диктира таа патетична стихотворба.
И што може да смени ако нешто смениме во дефиницијата?
Ништо, нормално.
Обратно, тие барања го кочат, да не речам, го блокираат, напреднатиот процес на автохтоното размакедончување.
Хахаха!
Обаче, македонскиот македонизам е на шините на својата инерција и патетика и нема сила да ја види добитната комбинација надвор од општото признание.
Кое никогаш нема да дојде.
Второ, идејата на Софија е што е можно подолго да ја држи Македонија надвор од интегративните процеси и по линија на тоа да ја гуши односно да ја води кон некаква форма на внатрешна дисолуција.
Во најрадикална форма, до исчезнување на македонската нација како историски, политички и културен феномен, а во поблага форма до нејзиното десубјективизирање односно раскурцување и губењето на важноста.
Тоа што тука го прави вмро-дпмне.
Со други зборови, Бугарија го сака истото што го сакаат најголемите македонски патриоти.
Неверојатно.
Имаме борба за идентитетот, но само како некаква проекција, не како стварност.
Не мислам тука само на вмро кое триесет години ја игра играта што во Софија ја играат Слави, Краси и Руменчо односно бугарската шовинистичка школа, туку и на нормалните посматрачи кои темата за идентитетот ја користат како наркотично средство за одлепување од стварноста.
ЛСД.
Во малку послободна интерпретација може да се каже дека сме сведоци на здружен злосторнички потфат на македонските патриоти и на бугарските шовени против Македонија.
Независно од намерите на едните и на другите при што дозволувам дека и едните и другите во нивните светогледи имаат благородни мотиви.
Особено нашите патриоти.
Еве уште некои важни забелешки.
Македонија не може да биде држава по своја мерка затоа што таква мерка нема.
Многу е важно, можеби е најважно, тоа да се разбере.
Нејзината мерка постоеше само во југословенскиот контекст и затоа беше успешна.
И почна незапирливо да пропаѓа по пропаста на тој контекст.
Значи, не да се кука и нарикачи, да се морализира и квичи, туку да се разбере.
Македонија може да се разградува по своја мерка, односно по мерката на својата инфантилност, расипаност, незрелост, оглупавеност, но да се гради по своја мерка – не.
Меѓу другото, затоа што македонската етничка компонента ја задржа емоцијата, но го загуби релативното и апсолутно значење, важноста и моќта да ги дефинира државните и национални прашања, затоа што падна и во културата и во моралот и во социјалата и во хомогеноста и во образованието и во односот кон државата.
Во сѐ.
Секој ден во секој поглед се распаѓа.
А се однесува како фудбалер кој сака да игра меѓународни натпревари без една нога.
Нека да бидеме директни: Можеме да бидеме само држава според мерката на Европа и САД.
И на соседите.
Тоа што ние се прашуваме за нешто е израз на меѓународната пристојност и на меѓународниот интерес Македонија да постои.
Освен тоа, сѐ уште имаме некаква супстанца.
Не сме без ништо.
Така и само така односно поради тоа постоиме.
Хистеријата околу францускиот предлог да бидеме држава по европска мерка и во извесна степен по мерка на соседите (Преспа, Софија…) е класика на една збудалена и заблудена нација со која хистерија ние нема да се вратиме кон себе затоа што во меѓувреме себе си се испозагубивме, туку ќе се вратиме на гробиштата на нациите од каде што сакаа да нѐ избркаат.
Во таа класика Македонија ќе ги одбива сите предлози кои нема да ја максимизираат штетата врз неа.
Така сме работеле сиве овие години и нема сила која тој пристап може да го смени.
Се разбира, по одбивањето на Софија, не знам колку има смисла да се расправа за тој предлог.
Јас на тој документ гледам како на бардак вода со кој залутаниот може да се придвижи и да ја премине пустината.
Тука е сугестија бардакот да се одбие или да се скрши и со мочка да се напише во песокот: „Никогаш нема да дозволиме да нѐ убиете, сѐ дури имаме сила да се убиеме самите.“
Хахаха!
Еве и еден утешителен дел:
Мислам дека темата е надмакедонска и дека нема да нѐ остават да цркнеме.
Тоа е мојата надеж.
Бугарските интенции имаат моќ да ја нарушат регионалната рамнотежа и тоа на еден драматичен начин и нема да им биде дозволено да ја уништат или фатално повредат Македонија.
Францускиот предлог има и такво значење.
Македонија е фикс и во новите геополитички разместувања.
Зацврстен фикс.
Како територија и држава.
Но, како нација и внатрешна содржина – не.
Тоа е оставено на нас.
А ние не знаеме што да правиме со себе.
Немаме способност за преосмислување на прашањето на идентитетот.
За преосмислување и релативизирање.
За сметка на животот и индивидуалноста.
Тоа е најголемиот проблем.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.