Мислам дека е драстично сменета атмосферата во јавниот сектор. Немаме политички притисоци во последните неколку изборни процеси, зборувам за локалните и претседателски избори и референдумот – изјави Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација во емисијата Отворено на ТВ 24.
Тој не ја исклучува можноста да има такви обиди, но затоа постојат заштитни механизми.
„Пред сѐ, тука постојат инспекциски служби во зависност од повредата на некоја одредба. Меѓутоа, во секој предизборен период, зборувам за последниве неколку изборни циклуси, откако сум јас министер, воведуваме и онлајн алатка за анонимно пријавување на притисок на работното место од страна на било кој вработен во јавниот сектор објавено на нашата веб страна“ – нагласи Манчевски.
Тој открива дека јавноста е запознаена со оваа алатка и сподели дека во последните изборни циклуси до нив пристигнале едноцифрен број поплаки. Половина од нив се однесуваа на повреда на права во приватен сектор. Секако, мора да продолжиме со промовирање на оваа алатка, вели Манчевски.
„Не можете да кажете дека влакно му фали на било кој од администрацијата на политичка основа. Дури сум обвинет од страна на најголемите и најсилните поддржувачи на СДСМ дека не сме направиле доволно да ги исчистиме партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ коишто се ставани во администрацијата само и единствено за да служат за изборни цели“ – категоричен е Манчевски.