Сè повеќе има информации дека Русија, поради исцрпувањето на капацитетите во редовната армија, почнала да регрутира осудени затвореници. За време на едномесечната истрага, Си-Ен-Ен разговараше со затвореници фатени во најновата шема за регрутирање. Тие заклучија дека на осудените, чии пресуди се движат од убиство до трговија со дрога, им се ветува слобода и богатство преку сомнителни договори, пишува хрватски Јутарњи.
Десетици пораки за разговор помеѓу затворениците и нивните роднини прегледани од Си-Ен-Ен, детално ги прикажуваат примамливите награди што се нудат. Еден од затворениците, кој сакаше да остане анонимен од тесната затворска ќелија користејќи шверцуван телефон, рече дека Русија ќе прифати убијци, но не и силувачи, педофили, екстремисти или терористи.
„Се нуди амнестија или помилување за шест месеци. Некој зборува за 100.000 рубли месечно, други за 200.000. Сите понуди се различни“.
Двонеделна обука
Понудите се раздаваа кога неидентификувани лица, за кои се верува дека се дел од приватната платеничка група на Вагнер, дојдоа во затворот во првата половина на јули. Оние кои ја прифатиле понудата биле однесени во Ростовската област во јужна Русија на двонеделна обука, а од регрутите не се барало претходно воено искуство.
Еден затвореник изјави за Си-Ен-Ен дека ја прифатил понудата.
„Ставете се во мојата кожа: бидете во затвор една деценија или излезете за шест месеци, ако имам среќа. Од овој затвор веќе се избрани 50 затвореници за регрутирање, но 400 се пријавиле, рече тој.“
Активистите за човекови права изразија загриженост поради сомнителните договори и фактот дека затворениците на фронтот главно се користат како „топовско месо“.
„Во последните три недели (во јули) започна бран на регрутирање руски затвореници, илјадници од нив“, рече Владимир Осечкин, шеф на Гулагу.нет, група која се бори за правата на затворениците.
Осечкин рече дека во некои случаи, на семејствата на затворениците им се ветува исплата од пет милиони рубљи (околу 75.800 евра) доколку умрат на фронтот. Сепак, нема гаранција дека ќе биде исплатен таков паричен надоместок.
Припадниците на злогласната група Вагнер на чело на операциите
Регрутирањето на затворениците, велат активистите и затворениците, е под покровителство на групата Вагнер, која не подлежи на забраната на руската војска за вработување осуденици. Затворениците не доставиле копии од своите договори на нивните роднини или блиски, така што точните услови или нивниот работодавец се всушност нејасни.
Имаше и првични извештаи за ранети затворенички хоспитализирани во сепаратистичката област Луганск. Роднините на затворениците со кои разговарале Си-Ен-Ен се загрижени бидејќи не добиваат целосни информации за состојбата на затворениците. Полусестрата на еден од затворениците, која од безбедносни причини се претставила како Оксана, изјавила дека на 10 јули добила порака во која нејзиниот полубрат бара од неа да испрати копија од пасошот за да може да се исплати платата. на нејзината сметка. Ова не е затворска практика, бидејќи платите се исплаќаат на сметката на затвореникот. На крајот на јули, таа доби уште една порака на лош руски јазик, во која се вели дека е здрав, но не даде детали за тоа каде се наоѓа.
„Кога ќе можам, ќе ви се јавам“, пишувало во пораката.
Мајката на затвореникот подоцна била повикана од лице кое се претставило како „сметководителка“ која ќе ја донесе платата на нејзиниот син во готово.
Иако Путин вети дека осудениците нема да бидат испратени да се борат, сликата откриена од ова истражување се чини дека го негира тоа. Си-Ен-Ен побарало коментар за регрутирањето до Министерството за одбрана на Русија и затворската служба, но не добиле одговор.
Превод: Ј. Ѓ.