На утрешните локални избори за градоначалник во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа и за советници во Тетово право на глас имаат вкупно 101.174 гласачи.
Во Тетово во Избирачкиот список се запишани 84.072 избирачи, во Маврово и Ростуше 9.948 и во Центар Жупа 7.154.
Во трите општини ќе се гласа на 172 избирачки места. Во Маврово и Ростуше се гласа на 39 избирачки места, во Центар Жупа на 16, а во Тетово на 117 избирачки места.
Во Центар Жупа на овие избори има само еден кандидат за градоначалник, додека во Маврово и Ростуше двајца кандидати за градоначалник.
За изборите за градоначалник да бидат успешни, потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи, и мнозинството да гласа за еден од кандидатите. Во овие две општини гласањето се повторува поради недоволна излезност на гласачите.
Во Тетово на гласачкото ливче ќе има 13 листи на кандидати за членови на Советот на општината. Мандатите ќе бидат распределени според бројот на добиени гласови користејќи ја Д’Хонтовата формула.
Овие избори ќе ги следат 49 акредитирани набљудувачи од една домашна и една странска организација.
На овие избори ќе се користат уредите за биометриска идентификација на гласачите и нема да се применуваат мерки за заштита од Ковид-19, како во изминатиот период.