Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски очекува годинава да биде заокружена со зголемен број на туристи и ноќевања, како и со раст на девизниот прилив.
Според него, позитивните резултати се веќе видливи.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на туристите во периодот јануари – јуни 2022 година е зголемен за 75 проценти во однос на истиот период лани. Кај домашните туристи зголемувањето е 25,4, а кај странските 131,3 отсто. Раст има и кај ноќевањата за 66,3 отсто или кај домашните за 29 проценти, а кај странските за 109,2 отсто, рече Јаневски на прес-конференција на која ги презентираше Стратешкиот план и Програмските активности на Агенцијата за 2023 година.
Тој потсети дека вкупниот девизен прилив во 2020 година изнесуваше 252,05 милиони долари и споредбено со 2021-ва кога беа остварени 385,04 милиони долари, евидентиран е раст од 52,76 отсто.
Очекувањата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2022 година се дека ќе има регистриран раст во поглед на бројот на туристи и ноќевања, како и раст на девизниот прилив по основ на туризам, напомена Јаневски.
АППТ најавува многу нови проекти, национална кампања на Јутјуб и Гугл, туристичко брендирање на земјава како дестинација, патно означување на туристичките атракции, брендирање на граничните премини, дигитализација, како и градење на платформата Е-туризам.
Како што рече денеска директорот на АППТ Љупчо Јаневски, напорите се насочени кон создавање нов концепт на туризмот со прераснување на Агенцијата во национална туристичка организација (НТО) и креирање услови за третирање на туризмот како во земјите од „Отворениот Балкан” и Европа – на ниво на министерство, со зголемени ингеренции во делот на формирање туристичка инспекција и туристичка полиција.
Реорганизацијата, смета Јаневски, ќе овозможи креирање законски подобрувања, нивно имплементирање и конкурентност со земјите од „Отворен Балкан” кој создава пазар од 11 милиони домашни туристи.
Извор: МИА
			



