Во Бугарија денеска се одржуваат парламентарни избори, четврти за неполни две години.
Според резултатите на агенциите за испитување на јавното мислење, бугарската централно-десничарска партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ја зголеми предноста во однос на својот главен ривал, реформистичката партија Продолжуваме со промени (ПП).
Изборите се очекува да резултираат со поделен Парламент со најмногу осум политички партии, според анкетите на јавното мислење спроведени од Алфа рисрч, Тренд и Галуп интернешнал.
Ниту една партија нема да има мнозинство, што ќе значи дека, според анкетите, ќе има тешки преговори за формирање на владејачка коалиција.
ГЕРБ, партијата на поранешниот долгогодишен премиер Бојко Борисов, чие владеење заврши во април 2021 година поради незадоволството на јавноста поради, како што објавуваат западните медиуми, вкоренетата корупција, има поддршка меѓу 25 и 26 проценти, што е повеќе во однос на освоените 22,7 отсто на последните избори во ноември минатата година.
Поддршката за партијата ПП, предводена од Кирил Петков, чија реформска влада беше соборена во јуни по само шест месеци, се намали на околу 16,5 отсто од 25,7 проценти кога победи на последните предвремени избори.
Петков зазеде цврст став против Москва поради нејзиниот напад врз Украина.
Галуп интернешнл и Алфа рисрч предвидуваат дека партијата на етничките Турци Движење за права и слободи (МРФ) ќе го заземе третото место со 12 до 13 отсто, пред ултранационалистичката и проруска партија Преродба, која е проектирана на 11 до 13 проценти.
Идните сојузници на Петков – левичарската Бугарска социјалистичка партија и десничарската Демократска Бугарија – имаат поддршка од околу девет до 10 отсто, односно 7,6 до 8,4 проценти, покажуваат резултатите од анкетите пред изборите.
Уште две партии – конзервативната партија Бугарски подем и популистичката партија Има таков народ (ИТН) – најверојатно ќе го надминат прагот од четири отсто освоени гласови за да влезат во Парламентот, бидејќи се очекува слаб одѕив, според истражувањата.