Северна Македонија треба значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Во текот на наредната година земјата особено треба да ги забрза напорите за намалување на загаденоста на воздухот на локално и национално ниво, како и за намалување на дифузното загадување на слатководните ресурси. Да се спроведат мерки за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, особено во Источниот и Североисточниот регион, како и да го спроведе Парискиот договор, вклучително и со усвојување на закон за клима, во согласност со Рамката ЕУ 2030, се истакнува во овогодинешниот извештај на Европската комисија во однос на Поглавјето 27 – „Животна средина и климатски промени“.
Во Извештајот се заблележува дека земјата има одредено ниво на подготовка во областа на заштитата на животната средина и оти е постигнат одреден напредок во однос на заштитата на природата и за климатските промени, вклучително и со подготовката и усвојувањето на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“. Сепак, како што се посочува во Извештајот, имплементацијата останува загрижувачка во сите сектори.
Според Европската комисија, административниот капацитет од полето на животната средина, на сите нивоа останува слаб, со недоволни човечки и финансиски ресурси за спроведување на законодавството, а работата на инспекциите има мало влијание.
Нема подобрување во спроведувањето на Еколошките проценки на влијанието, со недостатоци, особено во процесите на јавни консултации и во квалитетот на извештаите. Недостатокотот на транспарентност и пристап до информации продолжува да биде проблем, се наведува во Извештајот.
Имено, како што се посочува во текстот, усвоени се Законот за еколошка инспекција и некои измени на Законот, а продолжуваат и активностите во областа на еколошката одговорност.
Во однос на загадувањето на воздухот, во Извештајот се нагласува дека и покрај постигнатиот напредок, квалитетот на воздухот останува голем проблем во големите градови. Изработене е Програмата за намалување на загадувањето на воздухот, а во август и октомври 2022 година започна подготовката на четири планови за квалитет на воздухот, заедно со пет катастри на загадувачи на воздухот. Во општините Берово и Прилеп беа поставени две мониторинг станици за квалитетот на амбиенталниот воздух и беа заменети мерните инструменти на неколку постоечки мерни станици, стои во Извештајот на ЕК.
За управувањето со отпад, во Извештајот е нагласено дека е усвоен Националниот план за управување со отпад (2021-2031).
Националниот план за превенција на отпадот (2021-2027) е подготвен, но сè уште не
усвоен. Започнаа активности за изградба на регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Воведувањето на регионален систем за управување со отпад на Североисточниот и Источниот региони дополнително е одложено поради отпорот на општина Свети Николе кон домаќин на централниот капацитет за управување со отпад. Започнаа активностите за затворање на дивите депонии во Источниот регион. Регионалните структури за управување со отпад сè уште не се целосно оперативни. Селектирањето на отпад и економските инструменти за промовирање на рециклирањето, повторната употреба и спречувањето на отпадот остануваат ограничени. Се финализираа подготвителните активности за чистење на малата депонија во ОХИС и започна чистењето, се посочува во Извештајот.
Од ЕК посочуваат и дека Владата го вклучи воспоставувањето на инфраструктура за собирање и третман на отпадни води како една од структурните реформски мерки во Програмата за економски реформи 2022-2024 година, но нагласуваат дека брзината на подготовката и имплементацијата на преостанатите големи проекти останува предизвик.
Постигнат е добар напредок во заштитата на природата. Вкупниот процент на заштитени областите се зголеми на 13,9 проценти од територијата на државата, се посочува во Извештајот.
Во август 2021 година, Комитетот за светско наследство ѝ даде на земјата дополнителни две години за спроведување на препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Од ЕК оценуваат дека спроведувањето на препораките останува недоволно и бара посилна посветеност и реакција од националните и локалните власти.
Во однос на цивилната заштита, во Извештајот се посочува дека шумските пожари и кризата со Ковид-19 ја истакнале потребата од зајакнување на правната рамка и институционални капацитети на органите за цивилна заштита.
За климатските промени, од Еврокомисијата забележаа дека капацитетот останува слаб и од аспект на човечки ресурси и од аспект на финансиски средства и покрај преземените напори.