Премиерот Димитар Ковачевски со објава на Фејсбук, изрази сочувство за смртта на доајенот на македонската глума, Марин Бабиќ.
Длабоко сочувство за смртта на доајенот на македонската глума, Марин Бабиќ.
„Тој беше еден од големите сонувачи на македонскиот театар и филм, творец кој со својот децениски професионален влог остави неизбришливи траги во македонската култура. Неговиот придонес во развојот на македонската театарска уметност, многубројните улоги остварени на сцените на нашите театри, како и неговите антологиски филмски улоги, се само потврда дека загубивме голем уметник. Ќе го паметиме и по неговите маестрални интерпретации на современата поезија. Марин Бабиќ во својот животен и работен век, беше гордост на нашата држава“, напиша Ковачевски.







