Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Време е да се откажеме од позитивното толкување на исказот на детето од бајката на Андерсон: „Царот е гол“.
Бидејќи тоа тврдење, според Жижек, освен што нè ослободува од лицемерството и нè соочува со фактичката состојба на работите, може да ни го претстави детето, не како невино суштество, туку како прототип на опасен дрдорко кој ја урива или прави основи да се урне заедницата на која ѝ припаѓаме.
Со тоа што го кажува, она што би морало да остане неизречиво ако постојната интерсубјективна мрежа сака да ја сочува својата конзистентност – не знаејќи и случајно предизвикува катастрофа.
Македонија, драги мои, е претворена во интернат на опасни андерсонови дрдорковци (вморони, апасини, коцарени, ќулафкони, владемилчинисти, кикифристи, златковисти, ванковисти и др.) кои ја уриваат конзистентноста на заедницата односно ја уриваат самата заедница, како држава, нација и општество.
Како заедница на луѓе и граѓани.
Ја уриваат Македонија.
Медиумите и примитивната вулгарна и неодговорна опозиција го шират тој жижековски интернат во ударничка работа на темата „не нè бива“ или „ова ли е држава“ и така ќе остане сè дури како резултат не добијат повеќе отколку што очекувале или не го добијат точно тоа што го сакаат: Да останеме сите заедно без тоа што го имаме.
Тука не станува збор за критика на критиката.
Не, туку за интензитет на откривањето или на креирањето на голотијата преку која се уништува самата смисла на заедницата.
На секојдневното нагласување на некои лоши работи, кои се очигледни, но во таа „детска“ акцелерација добиваат неверојатни брзини и значења, се додаваат присилни разголувања на „македонскиот цар“, кој се ситуира во неверојатни улоги, потези, гестови и ситуации, се негативни, што понегативни, не можат да бидат и практично сè се заокружува во тезата за невозможноста на Македонија.
Јас мислам дека тие опасни дрдорковци прво треба да бидат соочени со крајно опасните последици на своето делување и да бидат замолени да престанат со таа деструкција, а ако тоа не даде задоволителни резултати, да бидат замолчени.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.