Русија се врати на договорот за извоз на жито од Украина бидејќи сфати дека иницијативата ќе функционираше и без учеството на Кремљ, изјави советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.
Во писмена изјава за Ројтерс, пренесува Хина, Подољак наведува дека одлуката на Москва покажува дека руската „уцена“ и „ескалација и закани“ не успеваат кога ќе наидат на решителен одговор.
-На овој или оној начин Русија осрамотена се врати на иницијативата за житото, бидејќи се покажа дека коридорот за жито ќе функционираше и без учество на Кремљ, рече Подољак.
„Тоа покажува само едно: Русија е секогаш инфериорна во однос на оние кои се посилни, оние кои знаат да удрат, оние кои силно ја аргументираат својата позиција“, додаде советникот на украинскиот претседател.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија ќе продолжи да учествува во договорот за извоз на жито.
Извор: МИА





