Деновите на медиумска писменост што се одбележаа од 25 октомври до 1 ноември под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“, завршија, но борбата за описменување на јавноста, но и на медиумските работници допрва почнува.
Како позитивен чекор напред се грантовите за воведување на медиумска писменост за четири образовни институции во рамки на проектот на УСАИД „Младите размислуваат“ во реализација на ИРЕКС заедно со Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Надежите на експертите и медиумската фела се дека постепено ќе се стигне до воведување на медиумската писменост како дел од образовниот процес почнувајќи од основните и средните училишта. Целта е да се генерира критичка мисла која произлегува од точни и навремени информации наспроти медиумски простор кој бруи од лажни вести, дезинформации и пропаганда. Но, за тоа е потребно време, посветеност, едукација и следење на брзиот технолошки и комуникациски развој.
ЦИВИЛ Медиа неделата на медиумската писменост ја посвети токму на аспектот како разобличувањето на дезинформациите и лажните вести можат да придонесат кон формирање на јавно мнение што во своето општествено-политичко делување ќе промовира демократски вредности и практики исчистени од националистичките и деструктивните реторики. Од друга страна е процесот кој ја сноси одговорноста за ширење на дезинформациите користејќи го медиумскиот простор.
Младен Чадиковски од ЗНМ, Катерина Синадиновска од СЕМ, новинарот и претседател на ССНМ, Павле Беловски и колумнистот на Фронтлајн, Ненад Јовановиќ беа соговорници на ЦИВИЛ Медиа за медиумите и одговорноста, борбата со лажните вести и дезинформациите и медиумската писменост како предуслов за подобрување на стандардите, но и градење на позитивна слика за новинарството како професија од јавен интерес.
Во оваа битка треба да се вклучи целото општество, а медиумските работници/чки треба да бидат заштитени не само заради нив самите туку да бидат во можност подоследно да им служат на граѓаните
Чадиковски вели дека во однос на медиумската писменост не сме на ниво за фалење.
„Не можеме да се пофалиме дека сме на некое високо ниво во Европа. Напротив ние сме на дното. И тоа е еден начин да се работи со описменување на граѓаните, како да ги читаат вестите. Тоа не е процес од еден, два месеци, туку процес што ќе трае години и треба да почне од најмали нозе, практично од градинка. Да се воведе школите, што веќе се воведува, да се описменат наставниците за тоа како да го предаваат и да продолжи преку систематизирање во целото општество понатаму. Вториот начин е преку факт чекинг организации што работат на подигнување на свеста за дезинформациите. Тоа не е лесно да се прави бидејќи секоја дезинформација патува многу побрзо од вистината и не е лесно да се спречи“, вели Чадиковски.
Во основа ние ќе треба да ги следиме препораките што во таа насока ги има ЕК, а од друга страна самите редакции ќе треба да го засилат својот новинарски потенцијал за да објавуваат проверени, вистинити и точни информации.
Новинарските организации имаат одговорност од аспект на медиумите и колку треба да внимаваат што објавуваат, да се свесни за одговорноста за јавно кажаниот збор и за сопствената одговорност во една демократија
Синадиновска се осврна на аспектот дека дезинформациите паралелно одат со говор на омраза, затоа државата мора да биде поажурна во однос на санкциите. Но, она што е најважно но резултатите ќе се видат на долг рок е медиумската писменост.
Одлични се проектите што предвидуваат воведување нам медиумската писменост, прво на академско ниво, па веројатно ќе се развива таа иницијатива. Граѓаните мора да бидат свесни дека не сѐ што ќе прочитаат на интернет е точно и дека секој мора сам да работи да се описмени медиумски и да биде свесен како да си ја провери информацијата
„Првата препорака е секогаш да се врши факт чекинг пред било што да се објави. Кога една дезинформација ќе излезе надвор веќе штетата е во голем дел направена. Мораме да се вратиме на основата на новинарството – да се провери пред да се објави“, вели Синадиновска.
Справувањето со дезинформациите, саморегулацијата, треба да тргне од самиот себе.
„Тој што пишува не ја разбира опасноста од лагата и лажната информација која е сервирана на останатите во општеството имаме голем проблем. Тоа е најголемиот и најгорлив проблем во сите општества. Ние сами нема да се избориме со ова прашање. Ние немаме вести. Ние имаме море од лажни вести во етер или прекопирани вести без авторски права и останува сам кој е медиумски писмен да ја види точната вест“, смета Беловски.
Зборуваме за медиумската писменост, а не зборуваме за новинарската неписменост
Беловски смета дека денеска секоја може да биде новинар, и ако ги исклучиме новинарите што имаат формално образование, потребни се обуки, стекнување вештини, а не туку така секој да се пушта во новинарската фела без да помине низ некој филтер.
Улогата на медиумите е да информираат, да еманципираат и да забавуваат, и во овие три вредносни трактати има огромна сила на злоупотреба. Има информации кои се очајни, тенденциозни и злонамерни и прават огромна штета.
Преку медиумите да се обидеме да произведуваме вредности и добри луѓе, во спротивно ни нема спас
„Мојот суд за дезинформациите е секогаш да гледам што повеќе информации од оние сајтови кои според мене се прозападни и проевропски медиуми и ми се многу важна референца кога сакам да одвојам што е вистина, а што е лага“, вели Јовановиќ.
Медиумската писменост низ призма на глобалните општествено-политички состојби и актуелните превирања на македонската политичка сцена бара, освен медиумски, силен граѓански ангажман, но и институционален каде постоењето на политичка волја ќе ја надмине декларативната состојба во практично и системско решавање пред сѐ на правата на медиумските новинари, но и правата на граѓанинот да биде точно и навремено информиран.
Б. Јордановска
Извор: ЦИВИЛ Медиа