Пишува: СОЊА КРАМАРСКА
Ние толку често комуницираме со Еди, толку е тесна соработката помеѓу нашите министерства и институциите, меѓу нашите две земји, што јас навистина, имам чувство дека денес тука сме сите заедно како дома, рече денеска премиерот на Македонија Димитар Ковачевски на заедничката владина седница со Албанија – порака која најдобро го илустрира издигањето на меѓусебните релации меѓу двете балкански држави.
Овие односи не беа секогаш добри но тивко се движеа по нагорна линија. Македонија нефаќајќи и кусур на Албанија што ја призна под името Бивша Југословенска Република и не отстапувајќи од тој став дури и кога македонската дипломатија одеше низ светот и собираше признавања под уставното име. Албанија, пак, остана џентлменски воздржана кон политичките и безбедносни турбуленции во Македонија поради албанското прашање.
Логиката на Тирана од ’90-тите, чиј гласноговорник беше Сали Бериша дека постоењето на Македонија е добро (за Албанија) бидејќи ги држи географски раздвоени Грција и Србија е одамна напуштена како застарен геополитички интерес, но може да се земе и како основа на добрите релации кои не беа драматично нарушени ниту со немирите по повод отворањето на универзитетот во Тетово кој работеше долго време нелегално, ниту со настаните во 2001 година кога Македонија беше на раб на граѓанска војна поради востанието на етничките Албанци.
Овој мал вовед денеска кога премиерите Ковачевски и Рама во Скопје си разменија спортски дресови и топки, како вистински маалски другарчиња, е важен како илустрација дека со емоции не се гради ни внатрешна а ни надворешна политика и дека влогот што го направија двете земји за да ги надминат потенцијалните кризни теми, денес го гледаме како политичка инвестиција која дава резултати.
Отворен Балкан е еден од продуктите на таа инвестиција, исто како што е и Берлинскиот процес во кој двете држави настапуваат заеднички. За Македонија е корисно една деценска членка на НАТО да ја има на своја страна во регионот. Тирана веќе подолго време чекори по патеката на која ние се придруживме пред две и пол години и нејзината поддршка е од извонредно значење. Истовремено брзиот економски раст на Албанија која се повеќе ја развива туристичката компонента во својата економија, ја прави примамлив партнер за заеднички инвестициски вложувања.
Се договоривме за три иницијативи од Артан Груби кои се однесуваат директно за Коридорот 8, за суво пристаниште во Струга и за граничен премин Поградец-Струга. Сите овие предлози претставуваат една стратегиска цел. Проектот за суво пристаниште го земаме под наша одговорност преку холандска компанија, која го има проектирано новото комерцијално пристаниште, но и воена инфраструктура во Драч, како и сувото пристаниште во Приштина. На овој начин мислиме дека ќе создадеме една комплексна инфраструктура во функција на зголемување на волуменот на интеракција на нашите држави што беше наш приоритет, но и приоритет на иницијативата Отворен Балкан и на Берлинскиот процес, изјави Рама на денешната прес-конференција.
Овдешната јавност веќе подолго време со интерес ги следи настапите на албанскиот премиер Еди Рама кој со иронични досетки ги „бомбардира“ европските и регионалните лидери, во поддршка на Македонија. „Поздрав од Источна Македонија“, е една од тие негови политички фори кои ги засмеваат европските играчи но во себе ја носат пораката за лошите политики на Брисел кон Западен Балкан.
Како резултат на добрите односи Македонија и помогна на Албанија за време на земјотресот. По земјотресот што ја погоди Албанија (26 ноември 2019 година), Северна Македонија испрати финансиска помош од 100.000 евра, како и беспилотни летала со термални камери за потрага по преживеани под урнатините. Испратени беа и спасувачки екипи, како и механичка опрема за расчистување на урнатините.
Ако треба да се изразиме со појасен жаргон, двете држави пливаат добро по Охридското езеро кое им е заедничко. Почетокот на новата страница на билатералните односи Македонија- Албанија, почна да се испишува на 15 декември 2017 година кога премиерите Зоран Заев и Еди Рама ја потпишаа заедничка декларација во рамки на првата заедничка седница на владите Македонија – Албанија.
Една година подоцна во 2018, во Подградец беше реновирано едно основно и едно училиште за средно образование за македонското малцинство во Албанија. Образованието на мајчин јазик долго време беше далечна перспектива за нашето население од овој крај. Се регулира и чекањето на граничните премини меѓу двете држави.
Денешните 21 меморандум за соработка се најдобра слика за климата меѓу Македонија и Албанија. Тоа е и голем напредок во надворешната политика на официјално Скопје која значително се подобри со забрзувањето на евроатлантските интеграции, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ кој ги стави Македонија и Албанија во уникатна позиција на земји кои го почнаа тој пат рака под рака.
Извор: НоваТВ