Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Апасиев, тој „велешки сват“ е голем манипулатор. Сега ќе ви кажам и како. Тој, што значи Апасиев, вели, а гледам дека и многу аналитичари се пофатија на неговите наративи: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биле, внимавајте, „буржоаски-аристократски“ партии. Во Македонија, барем откако сум јас жив – а штом ги типкам овие зборови веројатно жив сум – никогаш не сме имале аристократија или некоја јака и култивирана буржоазија.
Оттука, ниту левицата на Апсиев е левица, ниту десницата на Мицкоски е десница. Туку овие две политички партии се најпримитивни популистички партии кои играат на политичката сцена со сè, а најмногу играат со популизмот, социјалните мрежи и урлањето по медиумите за загрозениот „национален идентитет“.
Попатно, овие две политички партии единствениот реален политички програм може да им биде: болшевизам (да ги ловат луѓето по улици и малтертираат за нив да гласаат), грабеж (на јавните пари) и суспензија на слободите на граѓаните (тужби, закани, затвори, а во најкреативна фаза и Licence to kill).
Заради потсетување: Левицата изворно треба да се бори за социјална правда, а ВМРО-ДПМНЕ, како десница, изворно треба да се бори за: монархија, елитизам, одговорност, субјективност и законитост.
Ајде сега да видиме што се денес Левица на Апасиев и ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски? Тоа што денес е левица а што е десница, тоа, да ми простите, не треба кучиња да го јадат, а камо ли свесни и одговорни граѓани. Овие две партии, политиката ја претворија во прчварница, мачкино ебалиште. И уште на таква поставеност, гласови бараат.
Еве еден комшиски пример: Сириза. И Грција, имено, немаше аристократија и буржоазија, ама традиционално имаше јака левица. Со тоа сакам да кажам дека левите идеи во Грција не стигнуваа на руските тенкови и бајонети и дека идеите на Левицата се оформуваа во тешките борби со неавтентичната грчка десница.
Во таа борба нема компромиси и не може да ги има. Десницата во Грција за сите времиња останува десница, a левицата на Ципрас останува левица за сите времиња. Во пркос на рецентните проблеми, во односот со нас, грчката демократија има страшно поголеми перформанси, а својата успешност ѝ ја должат – не затоа што се поголеми, имаат море или почиваат на старата античка цивилизација – на јасната политичка дефинираност во опциите.
Лево-десно може да значи линија на поделба, ама може да значи и тетеравање, мамурлук од пијанство, може да значи и недостаток на ориентација, недостаток на принципи во општеството.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица, ги гледам денес, играат политика на негативни селекции, а тоа е ништо друго освен производ на ендемска невообличеност, непринципиелност (Апасиев набрка еден куп добри луѓе за да стане лидер на Левица) и трагична безидејност. Површни, склони на „маткање“, манипулирање и лаги заради лична корист.
Политика втемелена на сиромаштија, имитација, идеолошко тетеравење, единствено што може да произведе е сиромаштија, имитација на живот и тежок мамурлук. Земете ги сега „апстрактните“ флоскули за „народ“ и за „држава“. Тешка е тоа работа затоа што никогаш не успеваат да се дефинираат што се, а богами се сомневам дека знаат и кој се.
Знаете, вусшност, тоа е работа на образование и култура.
На крај, мислам дека знам зошто Апасиев и Мицкоски дуваат на иста гајда. Па затоа што тоа е полесно, башка им стигнува лесна пара во џебот, а и кој сега ќе се замара со евроинтеграција, правна држава и слободите на граѓаните.
Дај брате да сомелеме што има да се сомеле, и „бог нè веселио“!
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.