Пријавениот, во својство на овластено лице – градоначалник, во периодот од 2011 до 2015 година во повеќе наврати ја злоупотребил својата службена положба со пречекорување на границите на своето службено овластување и постапил спротивно на Законот за јавни набавки. Во 2011, 2012, и 2013 година донел три Решенија за Јавна набавка за сервисирање на хардвер, софтвер и мрежа во вкупен износ од 802.400,00 денари, но и покрај тоа набавил и платил стоки и услуги во износ од 184.192 денари повеќе од предвидените парични средства од Буџетот и надвор од донесеното Решение за јавна набавка за сервисирање на хардвер, софтвер и мрежа. Исто така, пријавениот во текот на 2014 година има донесено Решение за јавна набавка на делови за патнички моторни возила и нивна поправка и одржување”, но и покрај тоа сепак набавил и платил стоки во износ од 25.623 денари повеќе од предвидените парични средства за таа намена и надвор од донесеното Решение од негова страна.
Исто така, пријавениот за наведениот период со економски оператор извршил набавка и платил стоки и услуги во вкупен износ од 440.781 денари иако знаел и бил свесен дека стоките и услугите воопшто не се предмет на Договор за спроведени јавни набавки, додека со друг економски оператор извршил и платил стоки и услуги во вкупна вредност од 200.491 денари иако знаел дека платените стоки и услуги воопшто не се предмет на спроведена јавна набавка на склучен Договор за јавна набавка.