коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Цела година се чекаше ВМРО-ДПМНЕ да покаже политичка волја и да придонесе кон реформите во правосудството со поддршка и учество во креирањето на нов закон за јавно обвинителство. Цела година одложувања, одбивање средби, прифаќање па недоаѓање на средби, бесмислени изговори… Од претходната средба за законот, во присуство и на експерти, невладини организации, меѓународни претставници и јавност, едноставно си заминаа, под изговор дека и државниот обвинител Љубомир Јовески требало да биде присутен.
Се организираше и јавна расправа на која дојде Јовески, но го прекинаа самите. Не му дозволија на Јовески да говори ни на вториот ден на јавната расправа на која продефилираа сите нивни партиски војници – „експерти“. На средбата по јавната расправа не предложија ништо ново. Не го почитуваа рокот за поднесување амандмани. Не почитуваа ниеден рок за ништо.
По цела една година, стана сосема јасно дека имаат само едно нешто на ум: неказнивост. Единствениот интерес им е да не одговараат за криминалите. Вложија огромни пари и човечки ресурси да ја осуетат правдата. И така…
Дојде време за план Б. Парламентот мора да направи уште еден, последен обид, да го донесе Законот за јавно обвинителство со двотретинско мнозинство. Иако, за доброто на земјата, ќе беше најдобро сите партии, без исклучок, да учествуваат во неговото донесување.
ВМРО-ДПМНЕ останува изолиран и деструктивен играч на теренот, против македонските стратешки интереси. Сега е време на одговорност на сите други што се заинтересирани за успех на оваа држава. Планот Б мора да успее.