Предложениот буџетот на Министерството за одбрана за 2023 година изнесува 274,6 милиони евра и е за една третина повеќе од минатогодишниот. Според премиерот Димитар Ковачевски, планираните финансии за одбраната за следната година ќе придонесат за развој и модернизирање на овој ресор согласно стандардите на земја членка на НАТО.
– Развојот на одбраната ќе придонесе за посовремена безбедност во однос на заканите кои ни ги носат геостратешките предизвици, а за кои имаме обврска да ги заштитиме нашите граѓани. Третина повисок буџет во одбраната, значи влог во мирот и стабилноста на луѓето, а тоа е непроценливо, рече Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Покачувањето на средствата, како што нагласи Ковачевски, значи дека ќе ја оствариме зацртаната цел, а тоа е буџетот за одбрана да биде два проценти од БДП во 2024 година, според стандардите на НАТО.
Министерката Петровска потсети дека за припадниците на Армијата во годината што измина се создадени услови уште еднаш да се зголемат платите, како и за отпремнини од над 20.000 евра за припадниците со навршени 45 години, како и за станарина од 9.500 денари како надополнување од месечниот приход на секој војник.
– Оваа грижа ќе продолжи и понатаму. Армијата на Северна Македонија, денес НАТО Армија, е опремена, мотивирана и добро платена Армија, рече Петровска.
Таа соопшти дека 2023 година Северна Македонија во меѓународни мисии и операции ќе има 226 лица, а вкупните средства за таа намена изнесуваат 10 милиони и 548 илјади евра.