Во својата објава на социјалните мрежи, поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, категорично ги демантира сите наводи за негови обиди да се врати на политичката сцена. Тој демантира дека сака да се кандидира за претседател на државата и остро ги негира наводите дека се обидувал да изврши пуч во СДСМ. Меѓу другото, Заев во својата објава говори и за тоа како политичките опструкции и блокади, како што ги нарекува – противења, кочења, негодувања, мрчења, суетности – всушност, помогнале во клучните процеси.
„Убавината на сите овие противења, кочења, негодувања, мрчења, суетности, вака од дистанца гледано, е во тоа што токму тие луѓе, со своето противење, не сакајќи, а богами некои од нив и свесно и намерно (Груевски на пример) ги имаат помогнато сите овие процеси. Сите тие, со нивното делување и противење, го охрабрија мнозинството народ да опстои во својата верба за осигурување на евроатлантската иднина на државата, во градењето пријателството со соседните земји, во воспоставување на кохезијата во нашето мултиетничкото општество преку концептот на кој му аплаудира целиот демократски свет – концептот „Едно општество за сите“, пишува Заев.
Според него, таквите политичари, новинари и аналитичари, индиректно, па и директно, помогнале дури и во обезбедувањето на двотретинско мнозинство во парламентот за Договорот од Преспа и другите важни одлуки.
„Тие луѓе, политичари, новинари, аналитичари… индиректно, а богами и директно во клучните моменти за државата помогнаа за обезбедување дури и на двотретинско мнозинство во парламентот за Договорот од Преспа и другите важни одлуки, со што беа совладани тогашните анти-НАТО и анти-ЕУ политики на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Заев.
Оваа објава доаѓа како реакција и демант на зачестените шпекулации во дел од медиумите за наводни политички потези на Зоран Заев.
Извор: ЦивилМедиа