Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и плодната економска и политичка соработка на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво.
На почетокот на средбата, претседателот Џафери се заблагодари за нејзиниот активен ангажман и воедно за континуираната и силна германска поддршка за нашите евроатлантски интеграции. Интензивираната соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на ниво на претседатели на парламенти, комисии, групи за пријателство, програмата за ИПС стипендисти, како и техничката соработка за независно собраниско обезбедување беа посебно акцентирани како значаен сегмент од целокупната соработка меѓу двете држави.
Амбасадорката Холштајн срдечно ја поздрави одличната соработка пред сè со претседателот Џафери, со поединечни пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и со граѓаните во текот на нејзиниот мандат. Беше пренесена поддршката на Сојузна Република Германија за усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и за преземените реформски чекори и идните предизвици со кои ќе се обезбеди унапредување на евроинтегративниот процес. Во тој контекст, беше наведен хрватскиот пример во процесот на пристапување, кога политичарите во преден план ги ставија државните, а не партиските интереси, од причина што овој процес носи големи поволности за сите граѓани и нивната благосостојба во иднина.