Апат Апатијевич Апатиев
Паркинг Град Струга заедно со Општина Струга објавува конкурс за најдобра професионална и аматерска фотографија на тема “Најдобра паркинг фотографија”. Право на учество имаат сите граѓани на Паркинг Град Струга, како и сите гости и посетители на Паркинг Град Струга, кои за среќа ги има во сè помал број. Секој учесник може да испрати максимум 5 фотографии.
Секој град во светот има паркинзи, само Паркинг Струга има град, каде помеѓу колите има малку езеро, малку парк, триесет метри плажа и една получаршија.
Фотографиите можат да бидат направени на различни места во Градот Паркинг, но мора да ги задоволуваат условите да прикажуваат барем еден од безбројте паркинзи во Струга, мизерната инфраструктура, раскопаните улици и бедотијата. Предност ќе имаат учесниците кои покрај убавините и ендемската вредност на струшките паркинзи (од 2024 заштитен споменик на природата под закрила на УНЕСКО), ќе успеат да доловат и мали делчиња од Охридското Езеро, реката Црн Дрим, ако успеат да се пробијат во близина на истите.
Ако композицијата на фотографијата помеѓу колите, калта и распуканиот асфалт, содржи и куче скитник, и ако кучето не го изело фотографот пред да ја испрати фотографијата, тогаш авторот на фотографијата добива дополнителни бодови во рангирањето на најдобрите фотографии.
Вашите фотографии испратете ги на меил адресата на Паркинг Град Струга [email protected] или доставете ги лично на портирницата во новата зграда Паркинг Град Струга.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK