Во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија загинаа повеќе од 28.000 луѓе, а официјален претставник на Обединетите нации (ОН) рече дека конечниот биланс на катастрофата може да биде двојно поголем.
Шефот на агенцијата на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, вчера престојуваше во турскиот град Кахраманмарас, епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени.
– Мислам дека е тешко да се процени конечниот број на загинати бидејќи треба да пребараат урнатините, но сигурен сум дека ќе биде двојно, изјави Грифитс за Скај Њуз.
Десетици илјади спасувачи ги пребаруваат урнатините на големиот студ што ја усложнува ситуацијата по двата силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што ги погодија Турција и Сирија пред една недела.
Според последните податоци, во Турција загинале 24.617 лица, а во Сирија 3.574.