Победа и успех или прерано славење и загриженост? Вакви пораки пристигнаа од главните политички фактори во земјата откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур одлучи да ги одбие жалбите на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ за поништените аболиции од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека ова е голем успех за државата.
„Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Со одлуката која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања“, рече премиерот.
За разлика од него, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ порача дека „Владата наместо да слави, треба да се загрижи“.
„Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија. Суштината и правдата ќе излезат на виделина“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.
Во обид да дознаеме што значи ваквата одлука и како таа ќе се манифестира, „Локално“ поразговара со дел од аналитичарите.
Според Благојче Атанасовски „ова е пропаѓање на последната шанса на спас на поранешните високи државни функционери од нивните инкриминирани дејанија“.
-Пропаста на поранешното Специјално јавно обвинителство беше огромна победа за нив, но оваа одлука од судот во Стразбур е пораз, што значи победата над СЈО била пирова. Сега ќе ги користат сите (не) дозволени средства : поткуп и влијание на судии, избегнување на судските процеси преку правни акробации, се со цел да избегааат од правдата. Сепак како што чекориме кон отворање на првото поглавје од преговорите со Европската унија, така затворот ќе биде се поизвесна опција за децениските криминалци кои од Македонија направија Ел Дорадо на корупција до немајкаде и неказнет организиран криминал, смета Атанасоски.
Аналитичарот оценува дека правосудството е продолжена рака на политичко-партиски центри на моќ, цели три децении.
-Со чест на исклучоци, тие кои седат во судските одори и ѓомити треба да правораздаваат, најчесто се бирани пред се по партиска, роднинска, клановска линија и секогаш им беа должници на политичките центри на моќ. Имавме случаи и со давање на сексуални услуги на поранешни најмоќни функционери за да станете јавна обвинителка. Тоа мислам полека ќе мора да оди во заборав, ако сакаме да одиме на патот кон ЕУ. Во состојбата со правосудството Македонија стои најкатастрофално, и таму ќе мораме задолжително да покажеме најголеми резултати во иднина, оценува Атанасоски.
Според него, ова не е победа за СДСМ, туку за сите слободољубиви граѓани кои сакаат правна држава и владеење на правото.
Целиот текст прочитајте го на „Локално“!