Пишува СТОЈАН СИНАДИНОВ
Се сеќавате ли на Џо Кокер? Оној Џо Кокер (John Robert “Joe” Cocker), музичарот со лице на грубијан, а глас и прсти на гитарските жици од кои излегуваа нежни, лирски блуз песни?
Џо Кокер (1944, Шефилд, В. Британија – 2014, Крофорд, Колорадо, САД) уште во младоста бил залуден со музиката, но морал и да работи додека не успеал да обезбеди егзистенција од песните и концертите. Работел како помошник на сметководителот господин Адамс во Лондон, кој постојано го советувал да ја батали музиката и да го совлада сметководството, за да може да се издржува себе си и идното семејство.
По извесно време Кокер сепак успеал да се пробие на музичката сцена и да заработува доволно за да може да ја напушти канцеларијата со папки, фактури, сметки и други купишта хартија. Но, никогаш не го заборавал неговиот поранешен шеф, господинот Адамс: го почитувал и редовно му ги честитал роденденот, Божик и другите празници.
Господинот Адамс за еден Божик го поканил Кокер кај него дома на вечера, радосен што, ете, неговото несудено “дете“ во сметководството постигнал огромен успех во друга професија, макар и таа да е музиката. Секако дека Кокер се одѕвал на поканата. Господинот Адамс, за разлика од Кокер, бил заколнат антиалкохоличар, но дваесеттина години дома чувал едно шише квалитетно виски, да се најде за специјални прилики.
Божикната вечера била таа специјална прилика, и господинот Адамс и рекол на сопругата да сипе од старото виски во чашата на Кокер. Госпоѓата Адамс малку се сепнала, збунето го отворила шишето и му сипала виски на Кокер. Џо ја принел чашата до усните, го помирисал, и го испил на искап.
„Одлично е! Ве молам, сипете ми уште едно!“, Кокер и се заблагодарил на госпоѓата Адамс.
Таа божикна вечер, во пријатната домашна атмосфера, Кокер испил речиси половина од шишето виски. Почесниот гостин во домот на Адамсови посебно останал во сеќавањето на госпоѓата Адамс. Таа, за разлика од нејзиниот сопруг, понекогаш сакала да се напие по некоја чашка алкохол: всушност, веќе го имала испиено квалитетното виски, а во шишето сипала чај, за да не примети господинот Адамс. А Кокер, веќе прекален „борец“ од шанковите на англиските и американските барови, во миг ја „снимил“ ситуацијата и како вистински џентлмен не дозволил госпоѓата Адамс да се почувствува навредено или понижено заради повременото уживање во некоја капка добар, квалитетен виски.
Оваа анегдота ми ја раскажа Пол, синот на Адамсови, и самиот вљубеник во музиката, само со малку „потврд“ звук од онаа на Кокер. И Пол има издадено албум, школски другар му бил Џони Ротен од „Секс пистолс“. Кон крајот на 80-те години од минатиот век се запознал со наша сограѓанка, скопјанка што била на студиски престој во Лондон; се вратиле заедно во Скопје, се венчале, добиле дете. До почетокот на новиот милемуиум милениум живееше во Скопје, занимавајќи се со графички дизајн, а потоа исчезна од мојот видокруг…
Не знам зошто се присетив на ова усмено предание за легендарниот Кокер во контекст на топ-темата што деновиве ја окупира нашата јавност – интервјуто на Драган Павловиќ-Латас во подкастот на јутјуберот на Стефан Лазаров и, благо речено, искажаните непримерни мизогени ставови во однос на жените.
Всушност, многу добро знам зошто.
Тоа е обидот случката со шамарањето девојка и „секс под присила“ во „фиќото“ со замаглени прозорци на 15-годишниот Латас во трекот на интервјуто да биде оправдана и „илустрирана“ од страна на сега 62-годишниот Латас со повикување на сцена од филмот „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ од 1981 година. Сторијата на сценаристот Абдулах Сидран и режисерот Емир Кустурица говори за одраснувањето на младиот Дино (Славко Штимац) во Сараево на почетокот на 60-те години – земјотресот во Скопј 1963 година е е временски топоним – период кога социјализмот сè уште го бара неговиот човечки лик. Таткото на Дино, Махо (Слободан Алигрудиќ), глава на семејството со жена му и четирите деца во скромната куќичка, е убеден комунист со верба дека новите знаења и технологии ќе го поведат човештвото во светлата иднина.
Затоа Дино, освен грижата за гулабите, хипнотизирањето на зајакот и вежбањето песни („24 mila baci“ на Адријано Челентано) со неговиот бенд, постојано работи на сопственото надоградување со онаа позната реплика „Секој ден во секој поглед сè повеќе напредувам!“ („Свакога дана у сваком погледу све више напредујем“). Неговата меланхолична летаргија тоа лето во Сараево ќе биде прекината со доаѓањето на проститутката Доли Бел. Нејзниот макро ќе ја засолни во таванот на Дино, ќе исчезне на некој период – во кој Дино ќе се вљуби – а потоа ќе се врати да и одржи типичен маскулински „воркшоп“: шамарање и приморување на секс со сите клинци од соседството. Освен со Дино, кој го одбива тој чин, криејќи ги солзите со капките дожд.
Ја изгуби ли Дино машкоста затоа што не ја изгуби невиноста во тој момент, заедно со машкиот чопор? Кој како гледа на работите. Во филмот Дино по смртта на татко му ќе го облече неговиот костум поголем за три броја, ќе ги светне неговите стари чевли поголеми за 4 броја, ќе отиде во хотелот каде што настапува Доли Бел како стриптизерка со букет цвеќе за неа. Ќе го има првиот секс во чиста хотелска соба, на чисти бели чаршафи, а не на таванот, засран со изметот од гулабите. Како вистински џентлмен.
Латас во неговото веќе инкриминираното интервју се обидува да му биде „професор“ на младиот јутјубер, потпрашувајќи го дали го гледал овој или оној филм, а намерно и нездраво манипулирајќи го неговото незнаење и неинформираност. Титулирањето на Латас како „професор“ не е случајно.
Кога српскиот политичар Томислав Николиќ се подготвуваше да стане претседател на Србија (2012-2017), излезе во јавноста со фалбата дека магистрирал нешто-на-некој-факултет-универзитет. Познат како „Тома гробар“ заради неговото претходно професионално искуство – но и заради политичката кариера како најблизок соработник, а потоа и наследник на озогласениот Воислав Шешељ (додека овој беше во Хаг) на чело на Радикалната странка од почетокот на 90-те години, кога во војните што ги иницираше Србија за себе си „ослободил“ стан од 150 квадратни метри во Белград – веднаш стана цел на луцидните досетки на српските интелектуалци. „Да знаев дека е волку лесно, ќе завршев и средно училиште“, гласи реченицата што тие му ја припишуваа на идниот претседател Николиќ. И да не е вистинита, премногу е точна за еден од „напредњачките јунаци“ на српското злодоба кое трае повеќе од три децении (Николиќ, имено, се отцепи од Шешељ и ја формираше Српската напредна странка, на чие чело е актуелниот претседател Александар Вучиќ).
Овдешните луцидни циници непроверено тврдат дека нешто слично изјавил и Латас. „Да знаев дека е волку лесно да се докторира, ќе дипломирав на време и на факултет“, наводно гласела неговата изјава кога се стекнал со докторат кај неговиот другар од средношколските денови, Бојо Андрески, бивш заставник на ЈНА до почетокот на 90-те, а потоа сопственкик на првиот приватен Универзитет и два доктората!
Латас во едно ТВ гостување пред десетина години се пофали дека докторирал на тема сексот како маркетиншка алатка, или нешто слично формулирано, и дека веднаш бил ангажиран како професор на споменатиот Универзитет. Но, што се случува кога во образованието и професионалната етика – без разлика дали се формални или стекнати на улица или во семејството – ќе се прескокнат некои чекори?
Па, се случува интервју како посоченото. Портретирајќи се себе си како еден од „паталците во социјализмот“, и самопромовирајќи се како снаодлив „трговец“ со сексот како примамлива алатка за анимирање на публиката по разни поводи, не само во ова интервју, го добивме Латас во надградено издание по неговиот (само)егзил од класичните телевизиски и печатени медиуми. „Секс под принуда“ и егзил под заслужена принуда. Дино од „Доли Бел“ и Латас, по сопственото искажување, растеле во слично социјално милје, но различно се форматирале. Едниот џентлмен кон жените, другиот „сељак“ и пример за угледување на другите „сељаци“.
Ова писание, иако веќе одамна изгледа разлеано, не може а да не го спомене и Исус Христос и неговата одбрана на Марија од Магдала (кај нас и пошироко одомаќинета како Марија Магдалена) од каменувањето до смрт затоа што била промискуитетна жена. „Прв нека фрли камен тој што нема никаков грев“ е еден од ставите на кој се изградени етичките темели на цивилизацијата во која и денес егзистираме.
Без разлика на апокрифните тврдења дека Исус и Марија Магдалена подоцна станале маж и жена и формирале семејство, што е премногу примамливо и конспираторите (христијанската групација Есени се директни биолошки потомци на пророкот) и за книжевно-филмски обработки (еден од примерите е романот „Последното Христово искушение“ на Никос Казанѕакис, екранизиран од Мартин Скорсезе).
Дали секој ден, во секој поглед, сè повеќе назадуваме?
Можеби можеме да одговориме со потсетувањето на „грубијанот“ со џентлменски манири од почетокот на овој текст со овој видео-клип:
Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Рацин.мк