Фондот за здравствено осигурување ги презел сите потребни чекори за заштита од напади, а последниот напад се случил непосредно пред да се префрлат сите податоци на „клауд“, соопштија од ФЗО.
Во текот на минатата година имало постапка за јавна набавка за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци, а првата фаза од миграцијата на системската инфраструктура требаше да се случи во текот на неделата кога се случи и нападот.
Директорката на ФЗО, Магдалена Грашковска Филиповска на брифинг со новинарите истакна дека вработените во Фондот работеа неуморно овие две недели за да создадат услови за да се воспостават преодни решенија додека да се реши проблемот, се со цел на ниеден граѓанин да не му биде ускратено правото на здравствена заштита.
„Она што за нас беше приоритет беше граѓаните да не претрпат штета заради нападот, и мислам дека во тоа успеавме, системот е вратен во функција, платите, боледувањата, породолното, сѐ е исплатено. Во моментов, Фондот работи на внес на заостанатите информации од овие две недели, после кој внес веројатно ќе можеме да направиме и подетална анализа и процена“ рече Грашковска Филиповска.
Таа додаде дека според сите анализи на ИТ експертите со нападот на ФЗО не се случило одлевање на податоците на граѓаните и тие останале безбедни и заштитени во Фондот.
ФЗО за рекордно време го вратил системот во функција, во слични ситуации потребно е двојно повеќе време
„Сакам да се заблагодарам до сите инволвирани во решавањето на предизвиците од сабјер нападот и тука пред се мислам на ИТ тимот, на инженерите, кои деноноќно и посветено работеа и успеаја да ги вратат функциите на системот во рекордно време. Велам рекордно бидејќи статистички, на многу поразвиени земји, просечно им требале дваесетина дена за да ги вратат функционалностите“ изјави директорката на ФЗО, Магдалена Грашковска Филиповска на брифинг со новинарите.
Таа кажа дека најважно е што според сите анализи на ИТ ескпертите, нема одлевање на податоците на граѓаните.
„Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации“ рече Грашковска-Филиповска.
Слични вакви напади на базите на здравствените осигуреници се случиле во повеќе земји, а според достапните податоци „рансомвер“ нападите на системите во здравството во САД се дуплирале за само пет години. Според истражувањето на Американското медицинско здружение дури 42 отсто од нападите предизвикувале онеспособување на системите за пружање заштита подолго од две недели.
„Ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напади, и затоа овој период сме посветени на јакнење на нашата отпорност, работејќи и со други земји и стратешки партнери“ изјави директорката Грашковска-Филиповска.