Градските власти во Њујорк се согласија да платат милионска отштета на демонстрантите кои ја тужеа полицијата за прекумерна сила на протестите против расизмот во јуни 2020 година, по убиството на Џорџ Флојд. Според спогодбата, секој од 300-те демонстранти уапсени во Мот Хевен, населба во Бронкс, ќе добие по 21.500 долари доколку одлуката биде одобрена од федерален судија.
Засега не е точно утврдено колку пари на крајот ќе треба да се одвојат од градската каса, со оглед на тоа што некои решиле да поднесат приватни тужби, но сумата може да порасне и до седум милиони долари.
Откако полицијата во Минеаполис запре невооружен црнец и го прикова на земја во мај 2020 година, а девет минути полицаец со колено му го притискаше вратот, 46-годишниот Џорџ Флојд почина, предизвикувајќи бран протести низ целата земја.
Протести избувнаа и во Њујорк на 4 јуни, а според колективната тужба поднесена подоцна во 2020 година, њујоршката полиција наводно набила мирни демонстранти во толпата, а потоа извршила масовни апсења и употребила сила против некои демонстранти користејќи палки и бибер спреј.
Њујоршката полиција соопшти дека протестот бил организиран во „предизвикувачки времиња“, во услови на пандемијата на Ковид-19 и рестриктивните мерки и дека се обиделе да го балансираат правото на протест со здравствените мерки што биле во сила.
Комисијата за цивилен надзор на полицијата издаде извештај во декември 2020 година, според кој полицијата употребила сила, вклучително и „набивање“, без да прави разлика меѓу мирни демонстранти и насилни демонстранти, што придонело за зголемени тензии меѓу демонстрантите и полицајците.
Во судските спогодби по тужбите за несоодветно однесување на полицијата, Њујорк плати 121 милион долари во 2022 година, најмногу во последните пет години.
Извор: МИА