Очекувам дека со ова судење конечно ќе се добие правдата и ќе се открие кои се натрапниците во нашата професија и конечно ќе се поделиме на професионални новинари и на некои што се сами, т.н новинари, изјави новинарката Валентина Вурмо, оштетена во случајот во кој сопственикот на веб порталот „ДоказМ“ е обвинет за повеќе кривични дела.
Во изјава за медиуми по првото насрочено рочиште за процесот, таа рече дека и покрај тоа што во ова судење се појавуваат само неколкумина оштетени, според неа, оштетените се многу повеќе на број. Вурмо посочи дека има поголеми очекувања од другиот предмет што го отвори Скопското обвинителство.
– Повеќе очекувам од вториот предмет, кој Скопското обвинителство го отвори за овој случај, бидејќи таму очекувам да се изнесат детали и докази за тоа кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката, и посредниците и нарачателите да седнат на обвинителна клупа, рече таа.
Новинарката Ирена Мулачка, исто така, изјави дека очекува правдата да биде задоволена.
– Мислам дека е редно време, после толку долго време и после толку уништени и срозени семејства од страна на Марјан Стаменковски, да се стави крај, да биде задоволена правдата и да се знае дека не може во државата на кој што ќе му текне да пишува, кој како сака да те омаловажува и понижува, рече таа.
Мулачка очекува судскиот процес да трае по скратена постапка и, како што рече, „конечно секој да одговара за тоа што го направил“.