Бизнисот е единствениот кохезиски фактор на Балканот и доколку се разреши српско-косовското прашање во наредниот период, ќе отвори голем простор за економски напредок на сиот Западен Балкан, вели во својата колумна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
Како лидери на најголемите бизнис-асоцијации, вели тој, имаме историска одговорност преку развој на бизнисот да помогнеме во сиот процес и на тој начин да донесеме придобивки како за компаниите така и за граѓаните.
– Македонската Стопанска комора имаше огромно значење во досегашниот период на воспоставување, поддржување и на развивање на бизнис-дијалогот меѓу Косово и Србија. Марко Чадеж, претседателот на српската Комора, ќе напише дека почетната недоверба во прилично смелата идеја „Еден регион – една економија“, изразена преку коморското заедништво во регионот, денес е уважувана како од бизнисмените и од политичарите од регионот така и од Брисел и од Вашингтон, со што е кажано сѐ, вели Азески.