Зголемувањето на минималната плата на 20.175 денари од оваа година веќе арбитрарно не ја одредува Владата, туку таа се одредува на системски начин кој беше воспоставен лани во овој период после неколкукратни долги состаноци со социјалните партнери, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за 24инфо.
-Резултатот од тој дијалог доведе до воведување на систем за пресметка и покачување на минималната плата каде основа за покачувањето ќе се движењето на инфлацијата и просечната плата од претходната година, и на овој начин обезбедивме сигурност на нашите сограѓани со најниски примања дека нивниот стандард ќе биде заштитен, и никогаш повеќе нема да имаме вработени лица кои живеат под прагот на сиромаштија. Со новата методологија за пресметка минималната плата, инфлацијата веќе е вкалкулирана во износот на минималната плата, рече Битиќи.
Тој потсети дека пред само седум години, со тогашната минимална плата, беа потребни нешто над 3 минимални плати за покривање на трошокот на едно четиричлено семејство според минималната синдикална кошница.
-Сега, со ова зголемување, ќе бидат потребни околу 2 минимални плати за покривање на една минимална синдикална кошница, кажа Битиќи.