Неколку агенции преговараат и регрутираат странски работници, кои се заинтересирани да работат во земјава. Таква понуда за странски работници од Непал добил и управителот на светиниколската текстилна компанија „Мода“, Ангел Димитров, кој воедно е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.
Апелира постепено да се либерализира пазарот на труд и да се овозможи полесен пристап на странските работници затоа што одредени сектори се соочуваат со недостиг на работници и доколку ова не се дозволи, тогаш ќе се доведе во прашање опстанокот на економијата во земјава.
– Бангладеш, Пакистан, Филипини и Индонезија се држави кадешто има трипати пониски плата од нашата. Тоа би бил процес, тоа не може преку ноќ да се случи, но би било во интерес на опстанокот на нашата економија, вели Димитров за МИА.
Посочува дека со иселувањето на младите, државата ќе остане без работници и економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Компаниите, како што наведува, имаат проблем да најдат соодветен кадар.
– Невработените не сакаат да се јавуваат на огласите за слободните работни места, а од друга страна и покрај напорите на Владата преку активните политики за вработување, не се јавуваат ниту имаат желба за преквалификација, што значи долгогодишните проблеми во системот на образование и продуцирањето на кадри кои не одговараа на нашето стопанство, го дава својот резултат. Да речеме ако имаат завршено факултет, тие чекаат да се вработат на дипломата, за која што се школувале и не прифаќаат преквалификација или доквалификација за друго работно место. Ова значи дека ние само формално имаме невработени, а кога некоја фирма ќе отиде во Агенцијата за вработување и ќе побара 20-30 работници, не може да најде ниту тројца од соодветниот кадар така што очигледно е дека преквалификацијата и моменталните мерки нема да ги дадат очекуваните резултати и стопанството во следните години ќе се соочува се повеќе и повеќе со недостиг на работници, предупредува Димитров.