Во последниот период, барем од податоците од пописот 2021, дознавме дека имаме намалување на учеството на младите во вкупното население. На пример, во 2002 година, 24 проценти од населението биле млади, додека во 2021 според пописот, само 18 проценти од населението се млади. Ова во изјава за медиуми денеска го истакна Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени, пред почетокот на јавната дебата на тема „Иселување на млади со високо образование: Дали РСМ подготвува работна сила за земјите од ЕУ?“.
– Тука се зборува за демографска „бомба“ затоа што имаме намалување на бројот на млади, постои голема миграција на младите во европските земји, кои имаат атрактивност кон работните места, поточно кон земјите во ЕУ. Денеска заедно со министерот за образование и наука ќе треба да дискутираме за оваа тема, каде треба да се коригираат проблемите за ние како млади да останеме во нашата земја, информираше тој.
Ходаи рече дека Форумот за образовни промени веќе година и половина се залага за промени во образовниот систем затоа што смета дека „имаме образование со истечен рок на сите нивоа“, посебно во високото, но и во средното образование.
– Ние ќе предложиме радикални промени, образованието да стане приоритет на државата за наредните 20 години и која било партија да дојде на власт, да не ги менува политиките што ќе бидат усогласени од сите засегнати страни, нагласи тој.
Ходаи соопшти дека дваесет луѓе кои имаат докторат не се вработени исто како и околу 300 кои имаат завршено магистерски студии.
– Ќе се потрудиме како млади, како невладини организации, да креираме и воспоставиме систем на меритократија, каде што секој кој е квалификуван за нешто, да се вработи, а да не става акцент на тоа на која политичка партија припаѓа. Не сметаме дека единствениот проблем е економскиот проблем, односно малите плати, туку тука е и културниот фактор. Пред неколку дена имаше истражување дека Северна Македонија е најнесреќната земја во регионот и ова кажува дека освен што немаме атрактивни плати, исто така немаме и културен и забавен живот за младите да останат тука, рече Ходаи.