Повеќе од 800.000 луѓе би можеле да побегнат од конфликтот во Судан, предупреди денеска шефот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Филипо Гранди.
Досега најмалку 73.000 луѓе пристигнале во земјите кои се наоѓаат во близина на Судан од почетокот на борбите кон средината на април, соопшти УНХЦР.
УНХЦР, заедно со владите и партнерите, се подготвува за можноста повеќе од 800.000 луѓе, кои бегаат од борбите во Судан, да стигнат до соседните земји, напиша Гранди на Твитер.
UNHCR, with governments and partners, is preparing for the possibility that over 800,000 people may flee the fighting in Sudan for neighbouring countries.
We hope it doesn’t come to that, but if violence doesn’t stop we will see more people forced to flee Sudan seeking safety.— Filippo Grandi (@FilippoGrandi) May 1, 2023
Повеќето досега избегаа во Чад и Јужен Судан. На 25 април, УНХЦР посочи дека околу 270.000 луѓе би можеле да се засолнат во овие две земји.
УНХЦР не даде повеќе детали, вклучително и други соседни земји на Судан, кој исто така ја дели границата со Египет, Етиопија, Еритреја, Либија и Централноафриканската Република.
Судирите во Судан избија на 15 април меѓу суданската армија и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали.
Земјата е втурната во хаос по избувнувањето на крвавата борба за власт меѓу началникот на армијата Абдел Фатах ал Бурхан и неговиот ривал Мохамед Хамдан Дагал, кој ги предводи паравоените сили за брза поддршка.
Г. Т.